Бизнис
19. January 2019 - 16:33

СДСМ ќе бара од ДУИ поддршка за одложување на изменетите правила за пазарџиите

Пратеничката група на СДСМ ќе бара одложување на спроведувањето на Законот за пазари, откако пазарџиите вчера ги оставија празни тезгите. До носењето на новите законски измени владејачката партија ќе бара пазарите да работат по стариот систем. Сепак, не се знае дали ДУИ ќе даде поддршка на нивното барање.

-Јас се надевам дека ќе успееме. Јас го кажав ставот на СДСМ, впрочем, сметам дека треба да работиме само во интерес на граѓаните. Во овој случај тоа се пазарџиите. И мислам дека ќе најдеме решение, вели пратеникот Диме Велковски, пратеник од СДСМ.

Пазарџиите на вчерашниот протест пред Собранието соопштија дека воопшто не биле вклучени во носењето на Законот, туку биле донесени пред свршен чин.ѓ

Пратеникот Ејуп Алими, како предлагач на законот рече ќе бидат предложени измени на законот, за да им се овозможи на сите граѓани да работат на зелените пазари, но сето тоа да биде во согласност со другите закони.

Со измените кои стапија во сила од годинава, тезги не може да закупат пензионери, трговци поединци, хонорарци или вработени.

Ставот на СДСМ е дека тие лица кои досега извадиле лиценци треба да бидат обештетени. Лиценците чинат 60 евра за една година. Досега изадени се 50тина, а ги издава само Комората на трговци. Со измените, без лиценца не ќе може да се закупат тезги на зелените пазари.