Македонија
8. јуни 2017 - 18:04

СДСМ: Инвестиции од 600 милиони евра за патна инфраструктура во првите две години

Инвестиции од 600 милиони евра во првите две години од мандатот на новата Влада за изградба на нови и реконструкција на веќе постоечките автопати, магистрални и регионални патишта, најави денеска СДСМ преку соопштение испратено до медиумите.

- Проектите на ВМРО-ДПМНЕ во патната инфраструктура се симбол за криминал, корупција и несовесно работење. Таков е примерот за автопатните делници Миладиновци – Штип  и Кичево –Охрид за кои се отворени истраги во Специјалното јавно обвинителство, како и отвореното обвинение за проневера и перење пари при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, случај кој го истражуваше и Европската агенција за борба против корупцијата, ОЛАФ, се истакнува во соопштението.

СДСМ посочува дека завршило времето на, како што се вели, криминални тендери и потстапки, а новата реформска Влада посветено и отчетно ќе работи на спроведување на реформите коишто ќе донесат нови патишта, повисоки плати, нови работни места и правна држава. Од партијата порачуваат дека ќе има и одговорност за сите злоупотреби на парите на граѓаните.