Македонија
19. August 2020 - 12:34

СДСМ и ДУИ ги поделија ресорите - вечер седница на партиските тела

Седниците на највисоките партиски тела на СДСМ и ДУИ вечерва треба да стават печат на вчерашниот договор меѓу Заев и Ахмети за новата владина коалиција. Она што во моментов е познато и што официјално го потврдија и двата табори е дека Талат Џафери во наредните 4 години ќе биде Претседател на Собранието. 

Како ќе изгледа новиот владин состав официјално не откриваат ниту во СДСМ ниту во ДУИ.

Интегративците вчера преку социјалните мрежи се пофалија дека го добиле Министерството за надворешни работи но нема информации кој кадар го планираат на оваа позиција. 

Покрај ова министерство, кадар на ДУИ ќе ја смени и министерката за финансии Нина Ангеловска. Кој ќе ја држи оваа фотелја нема официјални информации, но неофицијално како најсериозен кандидат се споменува Фатмир Бесими. Министер ДУИ ќе има и во министерството за економија со што практично партијата на Ахмети ќе ги води сите економски ресори. За нив е резервирана позиција и во Министерството за екологија како и Министерството за информатичко општество и администрација. ДУИ ќе има и еден вицепремиер за политички систем а според договорот нивната партија ќе предложи кадар и за премиерската позиција 100 дена пред идните парламентарни избори. 

Фактот дека ДУИ влегува во Министерството за надворешни работи, значи дека Заев ќе треба да бара нова позиција за Никола Димитров. Според некои неофицијални и се уште непотврдени информации, тој би можел да се пресели во Секретаријатот за европски прашања и да добие вицепремиерска позиција. Филипче и Царовска според партиски извори остануваат на своите позиции во Министерството за здравство и во труд и социјала додека името на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски се споменува како нов Министер за одбрана. 

За БЕСА според неофицијални информации од министерствата со поголем буџет ќе биде резервирана позицијата во Министерството за земјоделие.

Согласно она што вчера го најави Заев, финалните одлуки ќе паднат вечерва на седниците на Централниот одбор на СДСМ и Претседателството на ДУИ по што веројатно до крајот на неделата ќе му бидат доставени на Собранието. 

По јасно изразеното собраниско мнозинство во текот на утрешниот ден се очекува Талат Џафери да го свика Собранието на кое според договорот тој ќе биде избран за Претседател, а во текот на идната недела може да се очекува и седницата за избор на Влада. 

За избор на новиот владин состав потребно е апсолутно мнозинство во Собранието од 61 пратеник. СДСМ, ДУИ и ДПА во моментов располагаат со гласовите на 62 пратнеици.

 

Александар Спасовски