Македонија
14. July 2021 - 8:47

СДСМ ги објави првите 30 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори

По спроведените испитувања на јавното мислење, анализата и истражувањата и по консултациите со нашето членство, целосно се заврешени и со одлука на раководството, дефинирани првите 30 кандидати за градоналници од редовите на СДСМ, изјави лидерот на партијата Зоран Заев, по вечерашната седница на партискиот Извршен одбор.

До СДСМ, посочи Заев, беа поднесени 630 кандидатури за градоначалници и пет илјади кандидати за советници, преку можноста за самокандидирање и постапките на партијата.

Тој информира дека за кандадати за градоначалници се утврдени Перо Костадинов за Валандово, Миликие Халими за Арачиново, Благојчо Шапов за Богданци, Зоран Зимбаков за Босилово, Велими Смилевски за Бутел, Маријан Јанев за Василево, Сашо Јанквоски за Вевчани, Ивица Димитров за Виница, Роберт Бешовски за Градско, Горан Трајковски за Делчево, Лазе Петров за Демир Капија, Анго Ангов за Дојран, Борче Гиевски за Зелениково, Јордан Насев за Карбинци, Филип Темелковски за Кисела Вода, Благојчо Илиев за Конче, Томе Христовски за Крушево, Аце Велковски за Лозово, Медад Куртовски за Маврово-Ростуше, Љубе Кузмановски за Новаци, Костадин Георгиевски за Охрид, Елизабета Зелениковска за Петровец, Славчо Пандурски за Пехчево, Драган Анастасов за Пробиштип, Живко Гошаревски за Ресен, Стојан Николов за Росоман, Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане, Горан Стојановски за Чашка, Сашко Николов за Штип и Петрр Шилегов за Градот Скопје.

Одлуките, додаде Заев, ги носиме здружено со граѓаните, кои што најдобро знаат која личност е најдобриот избор за нивната општина.

– Пресудни за одлуките беа анкетите спроведени меѓу граѓаните на овие 30 општини. Сите овие кандидати за градоначалници и градоначалнички кои ги објавуваме во оваа прва фаза се дел од најдоброто, блиски до граѓаните, чесни, одговорни со конкретни планови и решенија. Нема поголема чест и обврска да им се служи на своите граѓани. СДСМ тоа во изминатите години го правеше најдобро што можеше и ќе продолжи да го прави уште подобро и во иднина, изјави Заев.

За останатите кандидати, посочи Заев, ќе информираат како што ќе се завршуваат останатите анкети, истражувања, анализи и ќе се носат одлуките на раководството.

– Не станува збор за фаворизирани општини. На пример за општините за кои со сигурност знаеме дека ќе победиме како Струмица, Центар, Куманово, Карпош, Крива Паланка и други ќе ги објавиме во следните фази, затоа што за нив постапките ќе завршат до крајот на овој месец и средината на август, изјави Заев.

Втората фаза потврдени градоначалници, посочи Заев, ќе бидат објавени кон почетокот на следниот месец, а очекувањата се кон крајот на август да бидат објавени комплетно сите кандидати за градоначалници и градоначалнички.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што повеќето објавени кандидати се актуелните градоначалници, Заев рече дека тоа за СДСМ е сериозна потврда дека успешно сработиле.

– Одлуките согласно Статутот на партијата ги носи Извршниот одбор, кои што се во форма на препорака до општинските организации. Конечни во одлуките за кандидати од редовите на СДСМ се општинските конференции. Тоа се нашите делегати од месните одбори и месните организации, кои што конечно го носат одлуките, појасни Заев, за изборот на кандидатите.

Прашан за малиот број жени кандидатки, Заев посочи дека родовата застапеност согласно Статутот на партијата е во советничките места.

– Овде се бира само еден кандидат и тоа не може да го поделите на ниво на Северна Македонија 50-50, а притоа и да ги слушате граѓаните. Кога одите доминантно на истражување и анкети и најпресуден е фактот што тоа граѓаните мислат, тогаш ги определувате личностите, појасни Заев.

Во советничките листи, нагласи тој, имаме целосна застапеност на мажи и жени, подеднакво, иако законот е 40 проценти најмалку.

Прашан колку лично тој е задоволен од работата на досегашните градоначалници на Арачиново, Охрид и Кисела Вода, Заев рече дека во општина Арачиново во овие четири години е направено повеќе отколку сите 26 години наназад што е направено за општината и граѓаните, а во општина Охрид тоа што е направено во овие четири години е повеќе од два или два и пол мандати на претходни градоначалници, вклучително и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, додека за општина Кисела Вода, рече дека реализираните проекти поддржани од централната власт и општинскиот буџет се дефинитивно два пати повеќе од претходната градоначалничка.

– Не дека не можело повеќе, но тоа што е досега направено е најдобро од тоа што претходно во споредба со нашите противници е направено, рече Заев.

За Куманово, Центар, Прилеп, Битола, Карпош и Струмица, Заев нагласи дека анкетите покажуваат дека тројцата фаворити кандидатите на СДСМ ги победуваат сите потенцијални противкандидати, но дека ќе направат и втора и трета анкета.

– Сакаме да знаеме како стојат и помалкубројните етнички заедници, сакаме да знаеме како кога кандидираме кандидат од помалкубројните етнички заедници реагираат Македонците како најголема етничка заедница, а впрочем и другите помалкубројни етнички заедници. Мислиме дека овојпат ќе покажеме уште еден исчекор во духот за едно општество за сите токму преку кандидатите за советници/советнички и градоначалници/градоначалнички. На крајот доминанто е гласот на граѓаните, изјави Заев.

Прашан за евентуална соработка на локално ниво со ДУИ, Заев рече дека до крајот на јули месец ќе одржат средба, на што веќе работните групи работат.

– Еден од условите за да седнеме заедно е да имаме профилирани кандидати. Партиите имаат влијание, но пресудно е личноста, личноста во форма на кандидат за советник, личноста во форма на кандидат за градоначалник и слично. И затоа е многу важно врз основа на тие анализи да ги правиме и коалициите и соработките на локалните избори. Очекувам да имаме со нашите партнери најголем процент соработка уште во првиот круг, во еден дел во вториот круг, во еден дел после изборите ќе се состават самите коалиции, изјави Заев.

Тоа значи, посочи тој, дека анализите и истражувањата се важна работа за кога Зоран Заев ќе повика социјалдемократ или подржувачи на СДСМ, мора да им даде аргументација зошто да гласат за еден или против друг кандидат.

Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат во втората половина на октомври.