СДСМ денеска ќе го избере наследникот на Заев на лидерската позиција
Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ на кои ќе се избира нов претседател на партијата ќе се одржат денеска, а гласањето ќе се одвива по електронски пат. Сите членови кои поседуваат електронска членска картичка на СДСМ ќе може активно да се регистрираат и да гласаат на овие втори внатрепартиски избори.
За претседател на партијата се кандидираа тројца кандидати и тоа Димитар Ковачевски, кој е актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ и Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ. Еден од нив ќе го заземе местото на досегашниот претседател на СДСМ Зоран Заев, кој даде оставка по неуспехот на партијата на локалните избори. Заев првпат на позицијата претседател на СДСМ беше избран во 2013 година.
Согласно Правилникот за постапката и роковникот, активно се регистрирани 51.228 членови на СДСМ, а пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови.
Од овие причини, имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, но и интересот на членовите на СДСМ, Централната изборна комисија задолжена за спроведување на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.
Гласањето на денешните вонредни избори ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попладне. Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед.
Во интервјуто за МИА, кандидатот за лидер на СДСМ Димитар Ковачевски истакна дека партијата треба интензивно да ја спроведува европската агенда, но, како што кажа, не може да очекуваме дека ЕУ или некој друг ќе ни ги реши проблемите. Приоритет, според него, мора да е домашната политика, подигање на животниот стандард на граѓаните и јакнење на економијата.
Ковачевски верува дека со нова стратегија и реорганизација на партијата брзо ќе се врати и зголеми поддршката.
– Јас сум ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги сметам за многу непродуктивни. Јас верувам дека можеме да ја вратиме поддршката веќе на следните избори, но само доколку граѓаните и членовите на СДСМ ја видат потребната промена во партијата и начинот на раководење и во Владата и во самата партија, вели тој во интервјуто за МИА, посочувајќи дека во неговата комуникација ќе обединув наместо да дели, а внатрепартиската дебата од негова страна ќе биде исклучително конструктивна.
Самите избори, како што нагласува Ковачевски, мора да бидат спроведени ефикасно и демократски, а потоа да се фокусираат на решавање на проблемите од интерес на граѓаните.
– Тоа граѓаните го очекуваат од нас како партија, а не да се занимавме со бескрајни дебати и јас тоа нема да го дозволам. Граѓаните бараат решенија и работа, потенцира кандидатот за претседател на СДСМ.
Како долгогодишен член на СДСМ, очекува поддршка од многу сопартијци, актуелни и минати функционери со кои, како што рече, успешно соработува. – Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат, додаде Ковачевски.
Тој смета дека е потребна поголема ефикасност во владеењето и исполнување на ветувањата, но и поголем фокус на реалните потреби на граѓаните. Според него поголем фокус треба да се стави на клучните проблеми дома, добар менаџмент од професионалци на сите позиции и одоговорност на секој функционер за својата работа. Исто така, посочува дека СДСМ мора да ја подобри комуникацијата со членството и да не ги бара луѓето само пред избори или кога нешто и треба на партијата, туку постојано да ги вклчуваат, а нивниот глас да биде слушнат и тоа што го бараат да се спроведува.
– СДСМ мора да ги продолжи одличните социјални политики, покачувањето на минималната и просечната плата. Понатаму, потребно е одговорно владеење и недвосмислена борба со криминалот и корупцијата. Потребна е поголема конзистентност помеѓу она што го зборуваме и она што го правиме и само така ќе ја вратиме довербата. СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува. На локалните избори дозволивме да се намали коалицискиот потенцијал на партијата, но се случија и внатрешни несогласувања што резултираа со поделби на изборите. Моја главна цел ќе биде да ја обединам партијата и да ги надминеме разликите, рече Ковачевски во интервјуто за МИА.
СДСМ, според него, треба интензивно да ја спроведува европската агенда.
Кандидатката за претседател на партијата, Фросина Ременски во интервјуто за МИА нагласи дека фокусот на нејзината програма е насочен кон операционализирани чекори за враќање на социјалдемократијата кон изворните корени – работничките и синдикалните движења и организации, правата на работниците, социјалната еднаквост преку враќање на законското решение за прогресивен данок, особено во време на економска, енергетска, ковид и социјална криза, кршење на „железниот закон на олигархијата“, децентрализација на партиската организација и деконцентрација на моќта и одлучувањето.
Таа вели дека ќе се фокусира на враќање на моќта во базата од каде ќе се црпи легитимитетот на одлуките. – Ќе ја свртам пирамидата наопаку. Базата ќе биде врв – врвот ќе биде основа, додава таа и ветува максимална автономија на младинските и женските организации.
Според кандидатката за лидер на СДСМ, обединувањето на партијата е најтешката задача што и претстои на партијата, а борбата на суети и борбата за влијанија и позиции таму мора да заврши. Уште додава дека партијата не смее да дозволи успесите да се индивидуализираат, а неуспесите да се колективизираат.
– Партијата ќе ја обединам со тоа што ќе ги повикам сите искрени членови и борци на СДСМ, сите истакнати и заборавени членови и минати раководства на партијата да седнат на иста маса, да се погледнат во очи и да разговараат. Тој чин ќе биде пресуден за иднината на партијата, а јас сум убедена дека само така – преку укажана чест, почит и признание на секој – сите ќе заклучат дека целта за која се залагаме е иста, но пристапот бил фер или не, смета Ременски.
СДСМ, нагласува таа, мора да застане на страната на работниците и егзистенцијата на нивните семејства, да стимулира економски мерки во бизнис заедницата, но со строга контрола дали тие средства завршуваат кај работниците.
– Гарантирам вистинска децентрализација на партиската организација и деконцентрација на моќта и одлучувањето. Младите ќе ги воведам во нов систем на работа со примена на софтверски решенија од ранг на 22-ри век, преку вклучување на вештачката интелигенција како форма на ефикасност во носење на одлуки и исклучување на секаков субјективитет. Младите ќе бидат корисници на веќе изготвени софтверски и програмски пакети кои ќе ги донирам во партијата за да може да бидеме во чекор со западноевропските земји, а младите да се чувствуваат современи предводници на вистинска иновација, рече Ременски, нагласувајќи дека жените се двигатели на сите победи во СДСМ.
Нема да дозволи, вели, да се прави разлика меѓу членовите во партијата за тоа кој од каде доаѓа и на кој општествен слој припаѓа. Тоа, според неа, не е социјалдемократска вредност, иако, како што вели постои и најмногу го чувствуваат членовите од руралните средини.
Ременски вели дека сака да е оптимист оти за брзо можеме да се надеваме на отпочнување преговори со ЕУ, но, од друга страна се сомнева дека Бугарија ќе отстапи од нејзините веќе декларирани позиции и барања. Таа останува на ставот дека предизвикот за водење две функции истовремено, односно лидер на партија и премиер, ќе доведе до неминовно потфрлање на една од двете обврски.
– Сум функционирала истовремено и како министер и како потпретстедател и како пратеник и знам колку е тешко да се одговори на сите задачи и очекувања истовремено. Мојот концепт на деконцентрација и децентрализација на моќта, организацијата и одлучувањето во партијата е едно од решенијата за отстранување на тие потешкотии, нагласи Ременски во интервјуто за МИА.
Конкретна мерливост на успесите на политиките, како и фокус на луѓето, нивните практични потреби и проблеми се дел од Концептот 28, програма со која еден од кандидатите за нов лидер на СДСМ, Јован Деспотовски.
– Концепт 28 е основа за сериозна промена на начинот на практикување на политиката. Фокусот на секоја политика, на секоја влада и политичка организација стануваат луѓето, нивните практични потреби, проблеми. Доста зборуваме за ресори, за функции, за договарања, за политики што не се базираат на реални и мерливи цели. Во Концепт 28 поставуваме прецизни и мерливи резултати по кои ќе се мери учинокот на претседателот на СДСМ, нагласува Деспотовски во интервјуто за МИА.
Деспотовски смета дека СДСМ е политичка организација што покажала дека знае, има капацитет да го зачува македонскиот национален индентитет и изразува длабоко уверување дека тоа ќе го покаже и во разговорите со Бугарија.
За концетрацијата на моќта на двете функции лидер на владејачката СДСМ и премиер на Македонија во една личност вели дека тој лично не бега од предизвици, но додава дека не смета оти двете позиции мора да се врзуваат со една личност.
Деспотовски вели дека доколку ја добие довербата да ја води партијата, веднаш ќе организира широка дискусија за карактерот, особините, квалитетите на идниот премиер.
– Со Концепт 28 воведуваме поголема одговорност на носителите на јавни функции. Воведуваме систем во кој кандидатите за градоначалник и пратеник ќе се бидат од членовите, а не од раководството. Така, носителите на јавни функции ќе бидат свртени кон граѓаните, а не кон лидерот. Јавните функции носат голема одговорност и оној што ќе биде избран мора да биде подготвен да се носи со истата. Нема повеќе простор за импровизации, нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите. Комуницираме за сите отворени прашања, вели кандидатот за иден лидер на СДСМ Деспотовски.
Вели дека не нуди повеќе од своите противкандидати, туку поинаку, подобро и поефикасно.
– Го вложувам сиот мој капацитет, сè што знам и умеам за да ја постигнеме целта – достоинствен, убав живот на сите. И ниту еден човек нема да биде изоставен. Тоа е мојот концепт за победа, но не моја лична, туку победа на луѓето, на секој од нас, нагласи Деспотовски во интервјуто за МИА.
Вели дека поддршката за претседател на СДСМ доаѓа од многу страни – од членови и симпатизери на СДСМ, од пријатели, познаници, но и луѓе што не ги познава.
– Со Концепт 28 воведуваме целосно нов пристап кон изборот на носители на функции. Нема да почнеме од „кој“, туку од „каков“ човек/луѓе ни требаат. И, ова нема да „важи за сите освен за мене“ туку „ќе почне од мене“. Затоа, овој модел ќе го примениме и за избор на кандидат за нов премиер. Доколку добијам доверба да ја водам СДСМ, веднаш ќе организираме широка дискусија за карактерот, особините, квалитетите на идниот премиер, рече Деспотовски.
Непосредните внатрепартиски избори следуваат по оставката на претседателот на СДСМ и премиер во заминување Зоран Заев која беше констатирана на седницата на Централниот одбор на партијата одржана на 26 ноември. Оставката ја најави ноќта на 31 октомври, како чин на политичка одговорност по поразот на локалните избори, губејќи го и главниот град и повеќето скопски општини.
СДСМ по вторпат годинава оди на внатрепартиски избори за лидер и тоа по само девет месеци откако, наместо на конгрес, со статутарни измени се предвиде непосредно гласање на целото членство за највисоката партиска функција.
Да не ја најавеше Зоран Заев оставката на лидерската функција, вторите внатрепартиски избори ќе требаше да се одржат во 2025 година, до кога, поради новонастанатата ситуација, веројатно ќе трае и мандатот на петтиот претседател на СДСМ кој ќе биде избран денеска.
Заев не е првиот претседател на СДСМ кој поднел оставка на функцијата. Пред него, тоа го направи Бранко Црвенковски во 2004 година, повлекувајќи се среде мандат и од лидерската и од премиерската функција, за да се кандидира за претседател на државата, а четири години подоцна од лидерското место се повлече и Радмила Шекеринска, по поразот на тогаш опозициските социјалдемократи на предвремените парламентарни избори во 2008 година.
Заев првпат беше избран за лидер на СДСМ во 2013 година, на конгрес на кој имаше двајца противкандидати, а дојде на чело на партијата од позиција на градоначалник на Струмица.
Ново на Сител
-
Одбележани 30 години соработка со УНХЦР
-
Диви свињи ги уништуваат нивите на брегот на Охридското езеро
-
Штипските студенти од УГД ќе можат да студираат во Европската Алијанса на Универзитети
-
Преглед на вестите од светот
-
Институциите пред тест по проширувањето на црната листа
-
Тема на денот со Столе Наумов
-
Пулмологија полна – Загадениот воздух причина за повеќе пациенти со компликации
-
Донација од Прилепска пиварница