Бизнис
30. August 2017 - 13:30

СДСМ бара поддршка за законските измени за легализација на дивоградби

Со предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградените објекти се излегува во пресрет на илјадници граѓани кои досега поради различни причини не можеа навремено и комплетно да аплицираат за легализација на објектите, оцени денеска потпретседателот на СДСМ Благој Бочварски.

Тој ги повика останатите пратенички групи да дадат поддршка на измените, бидејќи, потенцираше, тие се исклучиво во интерес на граѓаните.

Според Бочварски, Владата одлучила да се продолжи рокот за легализација до крајот на следната година за легализацијата на дивоградбите да биде праведна и достапна за сите. 

- Тоа значи дека сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат барање за легализација, сега тоа право да можат да го остварат во дополнителен рок, сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година. Дополнително, ќе следуваат и нови шест месеци, од јануари до 30 јуни 2018 година за сите граѓани кои за претходните барања не ја обезбедиле неопходната документација, да стекнат право во овој дополнителен рок да поднесат нови барања за легализација со комплетна документација, појасни Бочварски на прес-конференција.

Остануваат, укажа, истите потребни документи за аплицирање, а услов за легализација е објектот да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година.