Свет
5. March 2019 - 17:38

Саудискиот крал Салман го прими Лавров

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз Ал Сауд денеска го прими рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој му пренесе поздрави од рускиот претседател Владимир Путин.

На средбата биле разменети ставови за билатералните односи, начините за зајакнување на соработката меѓу двете земји и за последните регионални и меѓународни случувања.

Саудискиот министер за надворешни работи, Адел бин Ахмед ал Џубеир изјави дека посетата на Лавров се реализира во рамките на континуираната соработка и консултациите меѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција со шефот на руската дипломатија во Ријад, Ал Џубеир рече дека односите меѓу двете земји во последниве четири години значително напредувале во областа на економијата, инвестициите, соработката во справувањето со екстремизмот и тероризмот, соработката во областа на образованието, земјоделството, енергијата и други области.

Шефот на саудиската дипломатија рече дека разговарале за арапско-израелскиот конфликт и ситуацијата во Сирија и Јемен, како и за начините за зајакнување на соработката во справувањето со екстремизмот и тероризмот, како и за заедничка работа за обезбедување сигурност и стабилност во регионот на Блискиот Исток.