Свет
17. March 2016 - 8:36

Саудиска Арабија планира создавање на „исламско НАТО“

Саудиска Арабија планира создавање на една воена алијанса на исламските држави, налик на НАТО, открива пакистанскиот телевизиски канал „Даниа Њуз“.

Основната цел на една ваква алијанса би била борбата против тероризмот и заканите каква што е сега џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Според овој медиум, властите во Ријад веќе им ја пренеле својата замисла на дел од исламските држави, а некои од нив, како Пакистан, покажале интерес за создавањето ваква алијанса.

Откритието на саудискиот план, доаѓа непосредно по завршувањето на големите воени маневри во северниот дел на Саудиска Арабија, на кои како гости, присуствувале пакистанскиот премиер Наваз Шариф и началникот на генералшатбот на пакистанската армија Рахел Шареф.

Во вежбата учествувале армиските сили на 21 од 34 земји, во кои муслиманите се мнозинско население и на неа се вежбале тактиките за одбрана од разни видови терористички напади.

Засега не е познато, дали во „исламското НАТО“ замислено од Саудиска Арабија, би имало место и за Иран, земја со големо мнозинство шиитско, муслиманско население, која во Ријад се третира како „непријателска“ и како „закана“ за сунитскиот свет.

Информацијата на „Даниа Њуз“ се појавува непосредно по пишувањето на американскиот „Вол Стрит Џорнал“ за тоа дека Израел, „полека и тивко“ се врти кон арапските сунитски држави за создавање поблиски врски.

Ваквото тврдење се поврзува со настојувањето на Израел да му „контрира“ на влијанието на Техеран во поширокиот регион, кого Израелците, како и Саудијците го сметаат за закана.

Израел (но и Саудиска Арабија) се спротивставуваа на спогодбата на меѓународната шесторка со Иран околу неговата контроверзна нуклеарна програма, затоа што Ерусалим и Ријад сметаат дека Иранците, сепак, ќе направат нуклеарна бомба.