Македонија
4. November 2019 - 19:46

Сасоли: Македонија е подготвена за преговори

Македонија е подготвена да ги започне пристапните преговори со Европската унија, и тоа треба да се случи уште следната година, истакна претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли. Вели дека само три земји-членки биле скептични за почеток на преговорите, а тоа покажува голема желба и волја во Унијата да и се даде датум на Македонија.

- Ние сме убедени дека Северна Македонија е подготвена да ги започне пристапните преговори. И за да го направи тоа Северна Македонија направи многу жртви, многу реформи, но и уставни реформи кои што дадоа можност на Македонија навистина да започне со процесот на пристапните преговори, рече Сасоли.

Сасоли на денешната панел дискусија „Визијата на младите за ЕУ“ рече и дека европските политичари ќе работат да ги убедат трите скептични земји-членки да го променат мислењето за пристапните преговори.

На младите им порача дека иднината е во нивни раце и оти треба да имаат доверба во ЕУ. Според него, не треба да ја губиме надежта бидејќи Европската унија има потреба да работи заедно со Македонија да се направи сè за таа да стане земја-членка.