Македонија
22. August 2018 - 16:13

Сашо Тасевски назначен за нов директор на БЈБ

Сашо Тасевски е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. Ваква одлука донесе Владата на денешната седница. Тасевски неколку месеци раководеше со Управата за обезбедување личности и објекти во МВР позната како Шеста управа. Тој за прв човек во БЈБ го наследува Лазе Велковски кој од функцијата беше разрешен минатата недела поради скандалот со службениот џип кој го користела неговата ќерка за пат до автокамп во Грција.

Новиот директор на Бирото за јавна безбедност стана познат во јавноста кога на 27 април минатата година за време на настаните во собранието како обезбедување на министерот Оливер Спасовски извади пиштол во прес салата.

Тасевски е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност. Важи за искусен полицаец, во МВР е вработен од 2001 година. На почетокот на кариерата бил припадник на единицата за специјални задачи “Тигар“, а подоцна бил и дел од тимот за обезбедување на поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Инаку Бирото за Јавна безбедност е надлежно за сите полициски станици во државата, специјалните и воздхопловната единица, под БЈБ се и одделите за криминалистика, истраги, борба против трговија со оружје, дрога, организиран криминал, како и граничната полиција.