Џет-Сет
29. December 2015 - 0:01

Саша Барон Коен донираше еден милион долари помош за Сирија

Британскиот комичар Саша Барон Коен донираше еден милион долари, како финансиска помош за две хуманитарни организации.

Тој и неговата сопруга, австралиската актерка Ајсла Фишер која работи во Холивуд, по половина милион долари, подарија за „Спасете ги децата, како и за Меѓународниот комитет за спасување, со седиште во Њујорк, со кој од пред две години раководи поранешниот британски министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд.

Парите дадени за „Спасете ги децата“ се наменети за набавка на вакцини за детски сипаници, додека средствата донирани за Комитетот за спасување, се наменети за образованието, за здравствена заштита, за засолништа и за санитарна заштита за сириското население.

Милибанд кој по повлекувањето од британската политичка сцена, живее во Њујорк, му изрази голема благодарност на Барон Коен за неговата хуманост за жртвите од „насилството и теророт“.

Џастин Форсајт од „Спасете ги децата“ изјави дека неколкугодишните судирања, целосно го ничкосаа поранешниот сириски здравствен систем, па во земјата одново се појавија некои опасни болести за децата, што веќе беа искоренети.

Саша Барон Коен се прослави на британската сцена пред крајот на деведесеттите години на 20 век, создавајќи го комичниот лик Али Џи.

Подоцна тој стана познат и популарен низ целиот свет со измислениот лик Борат, претставувајќи се како казахстански новинар.