Македонија
30. September 2017 - 11:49

Санитарна инспекција утврдува која е причината за смртта на четирите бебиња на Гинекологија

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испитува дали има пропусти во хигиенско санитарните услови и протоколи за работа на Клиниката за гинекологија откако се појави нова шокантна информација дека четири предвреме родени бебиња починале на Клиниката.

- „Побарав Државниот санитарен и здравствен инспекторат детално се да провери на одделот за интензивна нега каде се предвреме родените бебиња. По нивниот надзор ќе знаеме дали е тука проблемот“, вели Викторија Јовановска, новата директорка на Клиниката за гинекологија, за САКАМДАКАЖАМ.

Според извештајот од комисијата за стручен надзор на работата на Клиниката за гинекологија, даден бил соодветен третман, запазени се правилата за индикација за оперативно завршување на предвреме започнатото породување, запазени се анестезиолочките опоцедури, успешно е спроведена првична стабилизација на новородените, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија.

Бебињата биле со медицински компликации во текот на бременоста и според комисијата, сите овие ризик фактори го отежнуваат нивното преживување и ја зголемуваат стапката на морталитет и морбидитет.
„Предвреме родено машко дете во 25 гестациска недела, со екстремно мала родилна тежина ставено на палијативен третман. Починало во првите 24 часа од раѓањето. Второто е предвреме родено женско дете во 29 гестациска недела, поради ризична бременост, а мајката имла висок притисок и инфекција. Дадена е соодветна медицинска терапија, починало третиот ден од раѓањето. Третото бебе е предвреме родено машко дете во 29 гестациска недела. И тоа било од ризична бременост, и веднаш е интубирано по раѓањето. Дадена соодветна терапија. Состојбата се влошила поради што повторно е реинтубирани и извршена е реанимација, но починува. Четвртото е женско бебе родено 27 гестациска недела. На одделот за интензивна нега престојувало 37 дена во исклучително тешка состојба и цело време било на апарати за дишење„, стои во извештајот на комисијата за стручен надзор, формирана од Министерство за здравство.

Дежурната докторка на чија смена починале бебињата останува под суспензија до четврток, кога ќе расправа дисциплинската комисија на Клиниката.