Свет
28. August 2016 - 18:38

„Сандеј Тајмс“: Судир меѓу министрите во британската влада околу идните односи со ЕУ

Во британската влада е отворен судир меѓу министрите, околу идните односи на Британија со ЕУ, тврди „Сандеј Тајмс“.

Весникот пишува дека премиерот Тереза Меј сега била ставена во улогата на главен арбитер кој треба да пресуди меѓу министерот за фннансии Филип Хамонд и другите, околу тоа дали Велика Британија треба да се повлече и од заедничкиот европски пазар, како што тоа го направи, заминувајќи од ЕУ.

Во текот на кампањата за Брегзит, десницата од Конзервативната партија, која се спротивстави на останувањето во Унијата, ги уверуваше гласачите дека земјата нема да има никакви последици врз економијата, затоа што по напуштањето на ЕУ, ќе стане дел од заедничкиот европски пазар.

Самоувереноста дека се ќе биде како досега, само што Британија нема да го има „диктатот од Брисел“ почна да бледее откако од ЕУ порачаа дека останувањето на заедничкиот пазар може да се случи само ако Лондон ги прифати основните правила на Унијата.

Станува збор за слободното движење на луѓе и работна сила, против кои и се водеше кампањата за Брегзит и се бараше напуштање на ЕУ.

Весникот тврди дека главнината на судирот е меѓу Хамонд и министрите за Брегзит - Дејвид Дејвис, Лијам Фокс и шефот на дипломатјата Борис Џонсон.

Владата треба да се состане на 31 август и на тој состанок, се очекува Тереза Меј да побара од сите министри да се ангажираат, секој во својот сектор, за успешно спроведување на Брегзит.

„Сандеј Тајмс“ тврди дека разликите се толку големи што недоразбирањата околу идните односи Лондон-Брисел, се претвориле во „министерска војна“.

Медиумите блиски на конзервативците предупредуваат на однесувањето на владината админстрација која ја обвинуваат дека се подготввува да го „осуетува и попречува“ британското заминување од ЕУ.