Македонија
13. July 2019 - 13:05

„Самрак на боговите“ вечер на „Охридско лето“

На сцената Долни Сарај вечер ќе биде изведена театарската претстава „Самрак на боговите“ во изведба на СНГ Драма Марибор, во рамки на 59. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата е работена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко, а во режија на Далибор Матаниќ.

Улогите ги играат Јоаким фон Есенбек – Милош Бателино, Ашенбах – Кристијан Останек, Фридерих Брукман – Војко Белшак, Софи фон Есенбек – Наташа Матјашец, Мартин, нејзиниот син – Петја Лабовиќ, Константин фон Есенбек – Давор Херга, Гунтер, неговиот син – Матевж Бибер, Херберт Талман – Жан Копривник, Елизабет Талман – Ева Краш. Драматург е Ивор Мартиниќ, сценограф Марко Јапељ, а костимите се на Лео Кулаш.

Една од главните теми на филмот „Падот на боговите“ на Висконти е тесната врска меѓу капитализмот и фашизмот, кој е вкоренет длабоко во германското тајкунско семејство Фон Есенбек. По смртта на семејниот патрон, во прашање е неговото наследство и неговото преземање од различни страни, иако наследниците сé уште не сфатиле дека се земени како заложници од помоќна политичка машинерија со нивната алчност и ситни декадентни индулгенции. Серијата на семејни расправии го расцепува наследството на моќната династија, обелоденуваќи ја здодевната патолошка состојба и перверзност, како и бескомпромисните егоистички интереси на членовите. Севкупно, ова ново поставување е голема фреска која сé уште е изненадувачки актуелна.

Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите“ покажува колку детално нацистичката влада манипулираше со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Семејството ќе ги убие сопствените водачи додека не се уништи самото, а само поради единствена причина – бидејќи целото семејство подлегнало на идеи за подобра држава.