Македонија
18. September 2018 - 8:23

Самостојна изложба на хрватскиот уметник Владимир Фрелих

Самостојна изложба на хрватскиот уметник Владимир Фрелих, насловена „Black Raw Memory“, вечер од 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност. 

Изложбата е инспирирана од нештата што нѐ опкружуваат и кои оставаат во нас емотивна трага - позитивен или негативен став. Она што не ни се допаѓа, наведува МСУ во најавата за изложбата, и го сметаме за потрошено, расипано или непријатно, го потиснуваме складирајќи го на некое место каде што нема да ни се испречува и да нѐ потсетува во секој момент.

- Со време тоа место е сѐ пооддалечено од нас. Според уметникот, поединци, општества, институции, села, градови, држави, секојдневно ги отфрлуваат деловите од својот мемориски и материјален идентитет, градејќи за себе утописка, епско-идеална слика во огледало, посочува МСУ најавувајќи ја изложбата на хрватскиот уметник Владимир Фрелих.

Тој дипломирал на Ликовната акдемија во Диселдорф, Германија. Се занимава со концептулно мултимедиски дела, кои доаѓаат често до граничните подрачја на медиумот.

Од 2007 година е професор на Уметничката академија во Осиек на отсекот за мултимедиуми, а од 2010 е гостин професор на Академијата за уметности во Нови Сад.