Балкан
27. May 2020 - 13:14

Самоопределување утре ќе одржи нова „проба за протест“ со 5.000 луѓе во центарот на Приштина

Владејачката партија Движење Самоопределување (ВВ) најави дека утре ќе одржи нова, втора по ред, „проба за протест“ во центарот на главниот град на Косово, на која се очекува да учествуваат околу пет илјади нејзини активисти и следбеници.

Од партијата на вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, за порталот „Газета експрес“ изјавија дека одлучиле да  ја одржат манифестацијата, која тие ја нарекуваат „перформанс“, по „големиот интерес и бројните барања од граѓаните“.

– Постојано во последно време имаме големо интересирање и бројни барања од граѓаните за протестирање во врска со равојот на настаните во земјата. По успешното реализирање (на 12 мај) на првата проба од граѓаните и активистите одлучивме да го реализираме второто тестирање, но во поголем обем. Значи ова сигурно не е протест, туку перформанс со 3.500 до 5.000 лица, изјавија од ВВ.

Според јавниот повик на ВВ, „перформансот“ ќе се одржи од 17 до 19 часот на плоштадите „Скендербег“, „Ибрахим Ругова“ и „Адем Јашари“ во пешачката зона во центарот на Приштина.

Новата проба за протест се одржува во пресрет на одлуката која треба да ја донесе Уставниот суд на Косово најдоцна до задутре, 29 мај, во врска со барањето на ВВ за оценка на уставноста на доделувањето на мандатот од страна на претседателот на државата Хашим Тачи на второрангирната партија на последните парламентарни избори, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).

На 25 март, на иницијатива на ЛДК, Собранието на Косово му изгласа недоверба на кабинетот на Курти, по што Тачи неколку пати побара од ВВ да именува кандидат за формирање нова влада. Откако партијата на Курти не одогвори на неговите повици, Тачи, по консултации со другите парламентарни партии, на 30 април го додели мандатот на Авдулах Хоти од ЛДК. 

Утредента, на 1 мај, ВВ го поднесе барањето до Уставен суд за оценка на уставноста на одлуката на претседателот на државата.

ВВ тврди дека нова влада не може да се формира од постоечкиот парламентарен состав, туку треба да се организираат нови избори. 

Од утре во Косово стапуваат на сила нови, олеснети мерки во врска со пандемијата на Ковид-19, со кои, меѓу другото, ќе нема ограничување на движењето на граѓаните од 7 до 21 часот.

Разрешениот премиер Курти негира дека новите мерки се воведуваат со цел да се овозможи одржување протести против евентуална одлука на Уставниот суд со која би се одбило барањето на ВВ за прогласување за неуставно доделувањето на мандатот на друга партија.