Македонија
15. February 2020 - 19:29

Само за дваесетина денови од оваа година на границите спречени 1365 обиди за илигално преминување

Обидите за нелегален премин границите од страна на мигрантите не запираат. Македонската територија и понатаму останува како една од  транзит рутите преку која мигрантите се обидуваат да стасаат до западно европските држави.  Ова го  потврдува и полицискиот билтен во кој скоро секојдневно се регистрираат  нови случаи за откриени илегални мигранти. Само за дваесетина дена од оваа година на границите со соседните земји биле спречени 1.365 обиди за илегално преминување. Најголемиот дел од нелегалните обиди се регистрираат во југоистокот од државата. За краток временски период во неколку одделни акции само во струмичкиот регион полицијата откри околу стотина мигранти.

Жителите од селата во чии региони во изминатиот период беа откриени дел од групите со мигранти велат дека лично немале можност да забележат такви групи. Но она што со сигурност го приметиле се зачестените полициски контроли во нивните региони.

Според официјалната статистика на МВР минатата година биле спречени 24.601 обиди за илегално преминување на границите. Такви обиди имало на сите граници со соседните земји, но најголемиот дел, 89, 2% биле спречени на границата со Грција. Според структурата на мигрантите кои се обидуваат нелегално  да транзитираат низ македонска територија најголемиот дел се со потекло од Пакистан.