Македонија
17. December 2018 - 16:57

Само третина од малолетните деликвенти имале адвокат

Лани во Македонија 1600 малолетници биле повикани во полициска станица поради постоење сомневање за сторено кривично дело, како сведоци или пак биле жртви. Само една третина го искористиле правото на адвокат.

-Честопати се доведувавме во една непријатна ситуација во овие постапки каде што и според Конвенцијата за правата на децата задолжително  е присуство на бранител во сите фази на постапката, да нема адвокат, рече судијата Лазар Нанев, претседател на невладината Сојуз за превентива на престапништво и малолетничка деликвенција

Во иднина децата кои го прекршиле законот ќе ги застапуваат специјализирани бранители кои мора да поминат соодветна обука.

-Адвокатите кои работат со деца во контакт со законот треба најмалку пет дена во текот на годината да следат специјализирана обука за правда за деца, со што ќе го збогатат своето знаење во заштитата на правата на децата кои извршиле или се осомничени за кривично дело, деца сведоци и деца жртви, изјави Љубомир Михајловски, претседател на адвокатската комора.

За да се реализираат обуките на адвокатите и децата да имаат соодветна правна заштита денеска во Владата беше потпишан меморандум за соработка.