Свет
13. October 2018 - 9:17

Само ја удрив и бутнав: Осомничениот за убиството и силувањето на бугарската новинарка ги негира обвинувањата

Германското обвинителство соопшти дека обвинетиот за убиството на бугарската ТВ новинарка Викторија Маринова, признал дека ја нападнал, но ги отфрлил обвинувањата дека ја силувал и ограбил.
 
Како што пренесува АП, обвинителството во германскиот град Целе соопштило дека обвинетиот, кој во Бугарија е идентификуван како Северин Крашимиров(21), кажал дека немал намера да ја убие Маринова.
 
Тој на обвинителите им кажал дека бил под влијание на алкохол и дрога кога во паркот влегол во расправија со жена која не ја познавал, дека ја удирал во лицето и ја бутнал во грмушка, но истакнал дека немал намера да ја убие.
 
Германските обвинители навеле дека Крашимиров, кој во вторникот е уапсен во Германија на основ на европски налог за апсење, ќе биде вратен во Бугарија во рок од 10 дена.