Македонија
11. November 2020 - 16:45

Само 30 проценти од оние кои прележале можат да донираат крвна плазма, засега има доволни количини

Со зголемување на бројот на пациенти со Ковид зачестија и апелите за дарување крвна плазма од лица кои се избориле со болеста. Изминатиот период на социјалните мрежи можеа да се сретнат голем број повици од семејства, но и пријатели за помош на нивни блиски со влошена состојба поради вирусот. Од трансфузија тврдат дека нема потреба од апели бидејќи на Институтот имале доволно резерви ковалесцентна плазма.

-Во моментот располагаме со доволно количество на ковалесцентна плазма од сите крвни групи. Апелите кои се појавија на медиумите пред се се иницирани од фамилиите кои се грижат за нивниот близок. И во тој дел апелирам до фамилиите дека ИТМ е во постојана комуникација со инфективната клиника и со здравствените установи кои третираат ковид пациенти и ги следиме нивните побарувања во однос на ковалесцентната плазма, изјави за Сител д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина.

Но, не на секој пациент со Ковид кој е на болничко лекување му се дава плазма како дел од целокупниот третман, велат од Министерството за здравство. Досега се третирани 170 заболени. Кај одредени пациенти со плазмата помогнала во оздравувањето.

-Третманот со плазма не е индициран на секого туку само по претходна евалуација од страна на стручниот колегиум. Истиот се дава еднократно и се следат клиничката состојба и лабораториските параметри, велат од Министерството за здравство.

-Клиничките искуства покажуваат дека кај пациенти кои имаат забрзан прогрес на инфекцијата со средна и средно-тешка клиничка слика после 48 часа се гледа ефектот, рече д-р Усеини.

Од Институтот за трансфузиона медицина велат дека досега биле собрани 218 единици ковалесцентна плазма. Интересот за дарување бил многу поголем, но само 30 проценти ги исполнувале условите и имале доволна количина антитела. За реакцијата од граѓани дека и покрај желбата не биле повикани, од ИТМ велат дека секој кој бил пријавен во регистарот го контактирале по редослед за да ги направи сите неопходни испитувања според протоколот.