Македонија
17. May 2018 - 8:17

Самитот во Софија потврда за европската перспектива на Западен Балкан

Европската унија денеска ќе даде ново ветување за членство на своите партнери од Западен Балкан во момент кога шесте земји, меѓу кои Македонија се наведени во нацрт-декларацијата што ќе биде усвоена во Софија, но без најпосакувана награда - датум на пристапување, јави известувачот на МИА од Софија.

Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија треба да внесе нова енергија во односите меѓу ЕУ и регионот, но фокусот, сепак, нема да биде на проширувањето, туку на поврзувањето, со цел да се подобри транспортот и дигиталната инфраструктура на регионот и да се олесни соработката.

Намерите на Бугарија, претседавачот со ЕУ се враќање на Балканот на агендата на Унијата.

еу западен балкан

Но, агендата беше „киднапирана“ од неодамнешните случувања - трговските тарифи што ги воведе Доналд Трамп и повлекувањето од нуклеарниот договор со Иран, со што вниманието на Унијата беше пренасочено кон овие случувања.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во пресрет на Самитот вчера изјави дека првпат по 15 години ќе се соочат лидерите на Унијата со сите лидери на Западен Балкан.

Европската унија ја поздравува посветеноста на Западен Балкан на европските вредности и принципи и визијата  за силна стабилна и обединета Европа. Повикувајќи се на Солунскиот самит во 2003 година, се потврдува недвосмислена поддршка за европска перспектива на регионот, се вели во последната верзија на декаларацијата што ќе биде усвоена на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Софија Самит

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на Самитот, на кој учествува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, јави известувачот на МИА од Софија.

На Самитот, што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот претседава претседателот на Европскиот совет Туск, кој ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

На Самитот учествуваат и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов е домаќин на Самитот, кој е најголемиот настан во рамки на бугарското претседателство со Унијата.

Борисов официјално во 9:15 часот по локално време ќе ги пречека државните и владините лидери, кои учествуваат на Самитот.

По завршувањето на пленарните сесии во 15 часот по бугарско време Борисов, Туск и Јункер ќе одржат заедничка прес-конференција.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот.

Во документот, што треба да произлезе од Самитот, се истакнува дека ЕУ е одлучна за интензивирање на ангажманот на сите нивоа за да поттикне политичка, економска и социјална трансформација на регионот со поголема помош врз основа на видлив напредок во владеењто на правото и социјалните и економски реформи.

ЕУ ја поздравува определеноста на партнерите од регионот за демократија и владеење на правото, особено во борбата против корупцијата и почитување на правата на човекот и правата на малцинствата.

Во нацрт документот се додава дека ЕУ ги поддржува заложбите на партнерите од Западен Балкан да продолжат со работа на усогласување на добрососедските односи, регионалната стабилност и взаемната соработка.

ЕУ Балкан

Во нацрт заклучоците посебен акцент се става и на создавање нови можности за младите кои ќе придонесат за социо-економскиот развој на Западен Балкан.

Во нацрт декларацијата се вели дека изградбата на „густа мрежа врски и прилики“ во регионот и со ЕУ, е од суштинска важност за приближување на граѓаните и економијата и јакнење на политичката стабилност, економски просперитет и културен и општествен развој.

ЕУ ќе им помага на државите од регионот за развој на дигиталната економија и еколошките друштва во согласност со Парискиот договор.

Премиерот Заев на Самитот во Софија ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Conectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на држави и влади со највисоките претставници на телата на ЕУ ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

На маргините на самитот премиерот Заев ќе има тет-а-тет средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, а како што соопшти владината прес-служба, планирани се билатерални средби на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте. Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас. Заев вчера се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.

Заев и Макрон

За време на престојот на Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка.

Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија.