Македонија
26. May 2022 - 16:29

Самитот на ЕУ се ближи, се помалку надеж за кревање на ветото

Почеток на преговори за Македонија или застој во регионот. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук дециден – не смееме на оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, да им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ.

Бугарскиот европратеник истакна дека Унијата очекува Софија да даде зелено светло за почеток на преговорите, категорично застанувајќи против идејата за одвојување на Македонија и Албанија во преговарачкиот пакет.

“Да ги одделиме Албанија и Македонија? Да дадеме перпектива на Албанија затоа што ги исполнила условите, но јас велам дека и Македонија ги исполнила условите. Ако критериумот е европската легислатива, тогаш и двете земји ги исполниле условите. Но да не дозволиме за Македонија додека не исполнат одредени услови? Како тоа ќе им го објасниме на идните генерации?”

Но од Софија нема нови вести. Засега немаме основа да го кренеме ветото, вели заменик претседателот на Собранието Вигенин, посочувајќи дека нема напредок по бугарските барања - правата на Бугарите во земјава, заедничката историја и говорот на омраза.

Сепак, Вигенин посочува дека Бугарија треба да покаже поголема иницијатива, односно дека политиката - да седи и чека е погрешна. Прашањето за Македонија е сериозна тема која често политички се злоупотребува, вели бугарскиот социјалист.

“Апелирам до сите што имаат став по оваа тема да се обидеме да го оставиме на страна тврдиот емоционален став, колку и да е тешко тоа, да ги оставиме на страна обидите за трупање политичка дивиденда на една тема која има стратегиско значење за Бугарија и да го бараме возможното решение. Затоа што ситуацијата во која сме во моментов е тврда и непријатна и за РСМ и особено за Бугарија“

Вигенин има и конкретни предлози за напредок во преговорите. Според него, клучни се временските рокови кои треба да се постават за исполнување на одредбите од Договорот за добрососедство.

Овие рокови треба да ги одреди Бугарија, вели претеникот, врз основа на приоритетите на барањата на Софија.