Свет
23. јуни 2022 - 15:23

Самитот ЕУ-Западен Балкан заврши без какви било резултати

Самитот ЕУ-Западен Балкан, што траеше повеќе од три часа, заврши во Брисел без заедничка изјава и без прес-конференција. Кабинетот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел соопшти дека закажаната конференција е одложена поради недостиг на време бидејќи состанокот траел подолго од планираното, а заедничката декларација не била ни закажана.

И покрај недостатокот на какви било резултати, придружбата на Мишел вели дека „средбата поминала добро“, јавија западни медиуми. Лидерите на 27-те земји-членки ќе го започнат својот редовен самит подоцна попладне и се очекува да дадат зелено светло за кандидатски статус за Украина и наМолдавија.

Со тоа, двете држави ќе ги прескокнат Босна и Херцеговина и Косово, единствените две земји од Западен Балкан кои се уште немаат кандидатски статус. ЕУ во 2003 година на самитот во Солун му вети на Западен Балкан европска перспектива.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој пред самитот со Западен Балкан изјави дека нема изгледи за деблокирање на отворањето на преговорите со Скопје на самитот, навести дека решението може да се постигне на наредните денови.

Имаше предлози за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, но за тоа нема консензус.

Нацрт-заклучоците што треба да ги усвојат лидерите на ЕУ за време на самитот ја повторуваат „целосната и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на земјите од регионот и повикуваат на „забрзување на процесот на пристапување“.

Нацрт-заклучоците го поздравуваат договорот постигнат од водачите на парламентарните партии на БиХ на состанокот со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на 12 јуни, на кој тие ветија, меѓу другото, да ги спроведат ограничените уставни и изборни реформи.

Европскиот совет ги повикува политичките лидери на Босна и Херцеговина брзо да ги спроведат ветувањата дадени во договорот и да ги завршат уставните и изборните реформи, што ќе и овозможи на земјата да постигне одлучувачки напредок на нејзиниот европски пат, во согласност со приоритетите на Комисијата.“