Свет
7. July 2017 - 8:34

Самит на Г-20 во Хамбург

Во германскиот град Хамбург денеска при зајакнати безбедносни мерки почнува дводневниот самит на Групата 20 водечки економи во светот (Г-20). 

Г-20 е формирана во 2008 година како форум што ќе ги обединува индустриски најразвиените земји и државите со забрзан економски развој. 

На средбата на врвот на групата во Хамбург ќе учествуаат лидерите на Германија, САД, Кина, Јапонија, Велика Британија, Франција, Индија, Бразил, Италија, Канада, Јужна Кореја, Русија, Австралија, Мексико, Индонезија, Турција, Саудиска Арабија, Аргентина и Јужна Африка, како и претставници на Европската унија. На самитот земјите ќе бидат претставени од нивните претседатели и премиери. 

Се оценува дека овој Самит би можел да биде најтензичен досега, поради големите разлики во ставовите на членките на Г-20, меѓу кои веројатно најзабележителни се оние што се однесуваат на слободната трговија и борбата против климатските промени, но тука се и кризата на Корејскиот Полуостров, состојбата на Блискиот исток, како и проблемот со мигрантскиот прилив. 

Покрај вообичаените теми, кои се однесуваат на светскиот економски раст, меѓународната трговија и регулирањето на финансиските пазари, се очекува на средбата на врвот да бидат разгледани и други прашања од глобално значење, како инклузивниот раст, агендата за одржлив развој до 2030 година, правата на жените и нивната рамноправност во економијата, безбедносните прашања и борбата против тероризмот. 

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе ја повлече земјата од Парискиот договор за климатски промени, наведувајќи дека е склон кон протекционизам, со цел да ја постави „Америка на прво место“. 

Во однос на климатските промени, германската канцеларка Ангела Меркел, која е домакин на средбата, сака да се усвои акциски план за прилагодување на Парискиот договор на ниво на Г-20. 

По ракетните проби на Северна Кореја, се очекува во Хамбург да биде разгледана и темата за севернокорејската нуклеарна програма. 

На самитот прв пат ќе се одржи и средба меѓу Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин. Се очекува дека ќе разговараат за поголем број теми, како кризата во Украина, санкциите против Русија, војната во Сирија, ситуацијата на Блискиот исток и наводното влијание на Москва врз минатогодишните претседателски избори во САД. 

Организаторите на Самитот очекуваат да се одржат и неколку протести од страна на антиглобалистите. 

Пред неколку дена, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер наведе дека германската полиција очекува во Хамбург да бидат одржани протести на речиси 100.000 демонстранти. 

Во Хамбург се ангажирани околу 20.000 полицајци да се грижат за одржувањето на безбедноста на самитот.