Свет
29. November 2015 - 9:04

Самит ЕУ-Турција посветен на миграцијата

Шефовите на држави или влади на 28-те земји-членки на ЕУ и првите луѓе на Унијата денеска во Брисел ќе се сретнат со турскиот премиер Ахмет Давутоглу за да разговараат за прашања поврзани со напливот на имигранти од Турција кон Европа.

Според најавите, на овој Самит ЕУ-Турција ќе биде разгледан заедничкиот акциски план за справување со миграцијата, во чии рамки Унијата досега и додели на Анкара три милијарди евра за сместување на бегалците на нејзина терторија. 

Со планот, исто така, се предвидува и олеснување на визниот режим при патување на турските граѓани во државите од ЕУ и забрзување на преговорите за членство на Турција во Унијата.

Според дипломатски извори во Брисел, се очекува на Самитот да биде договорено одржување на редовни средби меѓу претставници на ЕУ и Турција за прашања поврзани со борбата против тероризмот, меѓународните односи и безбедноста. 

Лидерите на ЕУ ќе се обидат да ја убедат Турција да се согласи да ги прифати назад сите илегални имигранти кои од нејзина територија ќе влезат во ЕУ, како и да ги репатрира економските имигранти во земјите од кои потекнуваат.

Дипломатски извори не ја исклучуваат ниту можноста ЕУ да се согласи да и исплати дополнителна помош на Турција, што ќе биде наменета за потребите на сириските бегалци што се наоѓаат на нејзниа територија.