Балкан
15. February 2018 - 11:45

Самарас поднесе тужба против Ципрас за случајот „Новартис“

Поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, поднесе тужба против актуелниот претседател на Владата на Грција, Алексис Ципрас, поради вмешаноста на неговото име во случајот со фармацевтската компанија „Новартис“, јави дописникот на МИА од Атина.

Самарас го обвини Ципрас дека тој е одговорен за „наместениот ужасен заговор, толку лошо наместен, што се распаѓа самиот“.

- Од далеку се гледа дека обвинувањата се само клевети. И тоа го сторија набрзина, еден ден по огромниот протест за Македонија. Во моменти кога Грција е соочена со големи предизвици и закани, се обидуваат со лаги да ги замолчат нивните противници, делејќи го грчкиот народ. Единствениот начин да ги избегнеме игрите на сите оние што клеветат е да ги седнеме на обвинителната клупа и ние да го докажеме нивниот заговор, истакна Самарас. 

Поранешниот грчки премиер смета дека целиот случај има и политичка заднина, бидејќи во иднина секоја нова Влада „ќе може да користи наместени лажни сведоци за да ги уништи политичките противници“.

- Ова, би било крај за демократијата во нашата земја. Господинот Ципрас нема да наметне „Мадуро“ режим во Грција, порача Самарас.

Тој го обвини актуелниот грчки премиер дека додека бил во опозиција гласал против мерките на неговата Влада за борба против корупцијата и намалување на фармацевтските трошоци.

- Оние кои тогаш беа во сојуз со интересите, сега ги обвинуваат оние што тогаш ја разбија корупцијата. Ако го прифатиме ова, никој во иднина нема да ја допре корупцијата, додаде Самарас, најавувајќи дека ќе оди до крај за да се открие „кој го наместил случајот, кои соработувале и зошто“.

Самарас, како што веќе објави МИА, е еден од десетмината политичари чии имињата се споменати во предметот на истрагата за случајот со швајцарската компанија „Новартис“ за поткуп, пасивен поткуп и злоупотреба на службена должност.