Македонија
21. September 2017 - 15:44

Салији: Како Министерство за правда ќе се залагаме за целосно спроведување на владеењето на право

Првите 100 дена од формирањето на новата Влада, за Министерството за правда значеа соочување со затекнатата ситуација во правосудството поради што во изминатиот период тоа беше мета на континуирана критика од меѓународната и домашната јавност, рече министерот за правда Билен Салији на денешната прес-конференција, на која даде отчет за својата работа. 

Во контекст на тоа додаде дека, тоа се однесува на назадување на независноста и самостојноста на правосудните институции, селективна примена на правдата, непочитување на мерит системот во правосудниот сектор. 

- Република Македонија, официјално стана членка на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ, што кореспондира со евроинтегративниот процес на државата и активностите на усогласување на македонското со европското законодавство, истакна Салији.

Во рамките на клучните активности преземени во изминатиот период, тој ги наведе формирањето на Советот за реформа на правосудниот сектор надлежен да ги координира, следи и да дава насоки за реформите и формирањето на Работна група за изготвување на Стратегија за реформа на правосудниот сектор со Акциски план . Во таа насока јавноста беше запознаена дека е изработена и Нацрт- стратегијата за реформа на правосудниот сектор за период од 2017-2022 година со Акциски план што значи исчекор напред во воспоставување на независен, професионален и кредибилен правосуден систем во Република Македонија.

Покрај овие тела, како што истакна Салији, формирани се и работни групи кои работат на подготовка на клучни законски решенија.

- Формирани се Работната група за изготвување на Предлог- законот за изменување на законот за Судски Совет и Законот за судови во делот на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, основите за дисциплинска одговорност, дисциплински мерки и оценување на судиите, Работна група која треба да ги разгледа препораките на Венецијанската Комисија и да ја утврди потребата од измена на Законот за заштита на приватноста, Работна група за подготовка на измени на Законот за заштита на укажувачи за кој измените се во завршна фаза, како и Работна група за изготвување на Предлог-Закон за заштита на сведоците што е во завршна фаза на подготовка, рече министерот.

Во насока на заокружување на Охридскиот рамковен договор и во духот на евроинтегративниот процес на нашата земја, како што рече, Министерството за правда подготви Предлог-закон за употреба на јазиците кој Владата на Република Македонија го усвои и веќе е во собраниска процедура.

Тој објасни дека се изготвени Предлог-законот за укинување на Законот за советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија и Предлог- законот за измени на Законот за Судски Совет на РМ. - Согласно програмската определба на Владата, а по иницијатива на бизнис секторот и граѓанскиот сектор, во Министерството за правда се формираа работни групи кои работат на измени и дополнувања на Законот за извршување и Законот за нотаријат, рече Салији.

- Една од значајните активности на Министерството за правда во овој месец е започнување со увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност поради што е формиран посебен тим. За реализацијата на оваа активност, позитивно се огласија Судскиот Совет на РМ и Основниот Суд Скопје 1, но се уште нема одговор од страна на Врховниот суд. Без оглед на тоа, Министерството за правда останува доследно на ставот за спроведување на планираниот увид, рече министерот за правда.

Салији укажа и на неговата заложба во реализација на реформите во правосудството. - Свесен сум за предизвиците кои ни претстојат во иднина, но силно ве уверувам дека како Министерство за правда се обврзуваме, на транспарентен и инклузивен начин да работиме на исполнување на најважната цел. Тоа е целосно владеење на правото и правната држава која уште повеќе ќе се развива во рамките на европското семејство, нагласи министерот Салији.