Македонија
2. February 2023 - 16:44

Сали утре ќе бара начин за набавка на терапија за 30 пациенти со цистична фиброза, ако не добијат договор пациентите одат на протест

Министерот за здравство ветува обезбедување на трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза. Дали е ова само обид за спречување на најавениот протест во сабота или надлежните одлучија да го одврзат кесето за купување на современата терапија која значи нормален живот за овие болни. 

Од каде нашле пари и кога лекот ќе стигне во земјата ќе се знае утре по координативниот состанок на Беким Сали со финансии и Фондот за здравствено осигурување. 

-На вчерашната владина седница иницирав обезбедување финансиски средства за лекот Трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза. Се очекува во текот на утрешниот ден да биде донесена одлука за обезбедување средства. Продолжуваме да се грижиме за здравјето на сите пациенти, напиша Сали на фејсбук.

По објавата на Сали на социјалните мрежи, од Министерството за здравство со дообјаснување дека набавката ќе одела во неколку фази и во првата била  обезбедување терапија за 30, а понатаму и за останатите. 

Од Асоцијацијата за цистична фиброза велат - ако утре има конкретна одлука а не само предлог, протестот ќе биде одложен.

-Како асоцијација ќе бараме договор за фазна набавка на терапијата и изработка на соодветна динамика за зголемување на бројот до потигнување на целта сите пациенти да добијат терапија. Во тој случај изразуваме подготвеност да го ставиме протестот во мирување. Но се ке зависи дали утре ќе има конретно решение а не предлог, вели Ивана Атанасовска претседател на асоцијација за цистична фиброза. 

Од асоцијацијата се категорични дека овој период со последните атоми од своето здравје ја бранат идејата за рамноправен пристап кон современата терапија и ќе продолжат и понатаму ако инситуциите ги изневерат. 

Во земји од соседството Трикафта им е достапна на многу пациенти со цистична фиброза кои имаат нормален живот. Оваа терапија влијае на самата болест а не на симптомите и затоа пред Нова година имаше протест на пациентите кои побараа и нивниот живот да биде еднакво вреден како и на тие во другите земји.