Македонија
29. September 2022 - 16:33

Сали смета дека економските директори во здравствените установи не се голем трошок иако чинат 500.000 евра годишно

Денешната донација на кардиологија од над 500 000 долари изнесува исто колку што годишно одат за плати на економските директори во здравствениот систем. Министерот за здравство кој направи обиколка во установата каде е сместена опремата, не планира да ги укине вторите менаџери бидејќи не биле голем трошок. Изјавата на Сали е во време на економска криза кога сите здравствени установи се во долгови, а лицата задолжени за финансискиот аспект месечно добиваат од 1000 до 1500 евра.

-Податоците ќе ви покажат дека сумите што вие ги кажувате, не се голем трошок за преживување односно функционирање на секоја установа, вели Беким Сали, министер за здравство.

Ако само изминатиот период секоја нова опрема во здравствените установи е донација, нејасно е која е функцијата на економскиот менаџер. Уште  во 2016 во предизборната програма СДСМ ветуваше укинување на вторите директори. Но до денеска тоа не е направено.

Во меѓувреме, министерот за здравство не прецизираше и кога ќе биде ревидирана позитивната листа и пациентите ќе добијат современа терапија. Прво нови лекови на примарната па потоа и на  болничката листа, но кога ќе биде тоа нема конкретен период.