Македонија
9. March 2017 - 8:34

Саксофонистката Ејми Диксон солист на концертот на Филхармонијата

На вечерашниот концерт на Македонската филхармонија насловен „Алхемија“, солист ќе биде познатата саксофонистка од Австралија Ејми Диксон (1982), која е двапати номинирана за престижната награда „Греми“. Првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик Брит во Скопје првпат ќе го изведе концертот „Забава за време на лет“ - за амплифицирана обоа и оркестар од современиот австралиски композитор Греам Коне.

- Мегапопуларната Ејми Диксон се фокусира на современата и филмската музика и во нејзиниот репертоар се дела на врвните современи композитори како Филип Глас, Мајкл Најман, Мајкл Кејмен, Џон Вилијамс... Нејзиниот репертоар е строго ориентиран на нејзината страст за новата музика, таа е целосно посветена на новите дела, особено на оние создавани за саксофон. Концертот „Алхемија“ ќе донесе музика со филмска магија, а се одржува во чест на празникот на жената 8 Март, соопшти Филхармонијата.

Ејми Диксон живее и твори во Лондон, но е родена во Сиднеј, каде што на шест години почнала да зема часови по саксофон. Својот прв концертен настап го имала на 16 години, а две години подоцна ја направила и првата снимка како солист со Симфонискиот оркестар на Сиднеј. Магазинот „Грамофон“ за Диксон има напишано дека поседува  индивидуален и необичен тон: „нејзините фрази прекрасно завршуваат, нејзината контрола на динамиката е бескрајно суптилна“. Во јануари 2016 година Диксон беше именувана за Млад Австралиец на годината во Британија. 

Диригент на вечерашниот концертот ќе биде Кејс Скалионе од САД, под чија палка оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе делото „Четири парафрази за симфониски оркестар“ од младата македонска композиторка Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална“ од Лудвиг ван Бетовен.

Скалионе има импресивна кариера диригирајќи со значајни оркестри во светот. Тој е страстен поборник за изведба и на оперската и на симфониската музика, но многу се посветува и на современата музика. Критиката за Скалионе вели дека е авантурист кој сака да истражува нови изрази, па неговиот репертоар вклучува дела од Моцарт до Лигети. Посветен е и на музичката едукација и постојано одржува часови по диригирање на музичката академија „Џулијард“.