Живот
14. July 2015 - 10:46

Сакал да го наполни својот Ајфон во воз, па завршил во полициска станица

Британски уметник Роберт Ли го вклучил полначот на неговиот Ајфон во струја додека патувал со воз од Хекни Вик до Камден Роуд во Лондон, но кога стигнал до крајната дестинација, на станицата го пречекале полицајци, кои го уапсиле.

Ли, како што објавија лондонските медиуми, е обвинет дека „илегално користел електрична енергија во возот“.

- Ми рекоа дека сум ја злоупотребил струјата и ми повторуваа дека тоа е прекршок, изјави Ли за „Ивнинг Стандард“, додавајќи дека кога стигнал на станицата го дочекале „голем број полицајци“.

Тој се обидел да си замине, но полицајците му рекле дека мораат да разговараат со него.

- Им реков да ме уапсат ако е тоа прекршок, а ако не, ќе мора да ме пуштат. Не им се спротивставував и не го подигнав тонот на својот глас. Им реков да донесат одлука, додека четврица од нив ми се внесуваа в лице, додаде тој.

Потоа, тој се обидел да мине крај нив, но полицајците му ставиле лисици и го сместиле во комби. Откако го сослушале во полициската станица во Ислингтон го пуштиле.

- Тоа е смешно, не требаа ни да ме уапсат. Јас само го вклучив Ајфонот да се полни на пет минути во возот, изјави Ли за „Мирор Онлајн“.

Полицијата тврди дека го упасиле, затоа што Ли „станал агресивен“ откако полицајците го прашале за користењето на електричната енергија во возот.