Македонија
18. August 2016 - 11:18

Саити: Собраните пари не смеат да се трошат без одлука на ИО и критериуми за поделба

На жиро сметката на Фондот за солидарност и преку телефонскиот број за донации 143 400 се собрани 650 илјади евра за поплавените подрачја, информираат од Црвениот крст на Република Македонија.

Како што наведуваат во соопштението, тие се собираат на едно место и се наменети да се поделат на настраданото население по завршување на кампањата која ќе трае до 21 август.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити објаснува дека овие средства немаат никаква врска со обесштетувањето кое е најавено од Владата или со други организации или групи кои собираат хуманитарна помош.

- Овие пари стојат на страна и никој не смее да ги чепне без одлука на извршен одбор и без критериуми за поделба. Тоа е посебна наменска сметка каде не влегуваат никакви други пари. За да почнеме да трошиме пари мораме да имаме инструмент со кој ќе ја утврдиме потребата на луѓето. Деновиве се спроведува проценка и увид, потоа Бирото за судски вештачења ќе направи проценка на штета, која ќе ја споредиме со нашите проценки од терен. Тогаш ние ќе знаеме на кого да ги поделиме средствата. Парите ќе се делат на трансакциска сметка на секој корисник, појаснува Саити.

Тој е дециден дека организацијата постојано работи на истиот начин, но овојпат вели дека се беспотребно ставени под сомнеж.

- Секогаш сме работеле максимално транспарентно, коректно и со увид на јавноста, истакнува тој.

Саити информира дека досега Црвениот крст има добиено 5 илјади евра од бугарскиот, 7 илјади евра од словенечкиот и денеска треба да добијат 10 илјади евра од босанскиот Црвен крст. Во Србија и Хрватска, како што вели, се спроведува слична кампања, па висината на помошта од таму ќе се знае откако кампањите ќе завршат.

Најавата за 500 илјади евра помош од Австрија, посочува Саити, би требало да биде во вид на заеднички проект кој австрискиот Црвен крст ќе го аплицира пред нивната Влада. Тие ќе одлучат како ќе се трошат нивните пари, а македонската организација ќе биде само нивна логистика во земјава.

 - Исто така Црвениот крст на Македонија, во вакви ситуации, прави апел односно операции од `итните фондови за одговор`. Тоа може да биде максимум 300 илјади франци. Тоа е направено вчера, очекуваме денеска да ни го одобрат. Со тие пари ќе набавиме дополнителна количина храна, хигиенски средства и останати потреби кои се проценети на терен. Средствата кои се пријавуваат дека се праќаат како помош од странство одат во тој фонд во Женева и нивните средства ќе ги добиеме како дел од тој фонд. Тоа се европски механизми кои се јасни и транспарентни, објаснува Саити.

Тој посочува дека непристапниот терен и големиот број погодени жители биле причина зошто првите неколку денови Црвениот крст не можел да реагира секаде каде што било потребно.

- Ние работиме на принцип на категоризација на ранливоста. Никој не знае дека првите денови ние вршевме евакуации. Бевме сконцентрирани да спасуваме човечки животи. Ако не немаше некаде првите два-три дена, значи имаме приоритети, вели тој.

Ги отфрла обвинувањата дека постоела селективност во делењето помош. - Ние не сме биле дел од пунктовите на терен. Нашите пунктови, кои се собирни, а не дистрибутивни се во Момин Поток и во ОУ „Наум Наумовски Борче“. Од таму по принципите на Црвениот крст ги доставувавме. Ние зад нас имаме донатори и мораме да ги правдаме нашите пари. Ние како Црвен крст го дадовме нашиот максимум и бевме максимално посветени, вели Саити.

Најавува дека во наредниот период ќе го снабдуваат населението со храна и хигиенски средства како поддршка на нивните буџети, ќе се одвојат одредени групи кои имаат потреба од посебна помош, а ќе одржуваат и обуки за поддршка на трауматизирани лица.