Свет
3. November 2015 - 8:37

САД загрижени поради притисокот врз медиумите во Турција

Белата куќа синоќа изрази „длабока загриженост“ поради „притисокот и заплашувањето“ на новинарите за време на кампањата за парламентарните избори во Турција, на кои убидлива победа оствари Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест изјави дека американската Администрација е „длабоко загрижена затоа што новинарите и медиумите, кои се критички настроени кон Владата, биле предмет на притисоци и заплашувања во текот на кампањата“.

- И јавно и приватно ја изразивме нашата загриженост во врска со слободата на печатот и изразувањето и слободата на собирање во Турција, изјави Ернест, упатувајќи апел до турските власти за почитување на универзалните демократски вредности.

Критиките од Вашингтон кон Турција доаѓаат на само неколку недели пред планираната средба на Ердоган со американскиот претседател Барак Обама во Анкара.

Меѓународните набљудувачи оценија дека на изборите во неделата во Турција на гласачите им биле понуден „разновиден избор на партии“, но дека целиот изборен процес бил оптоварен со тешката безбедносна ситуација, инциденти со насилство и медиумски ограничувања“.

- Изборната кампања ја одбележаа неправда, страв и насилство. Слабиот избор на медиумски извештаи и ограничената слобода на изразување негативно влијаеја на целиот процес и претставуваат причина за загриженост, оцени раководителот на набљудувачката мисија на ОБСЕ, Игнасио Санчез Амор.