Свет
27. September 2017 - 19:09

САД воведува данок од 220 отсто на канадски авиони, Боинг може да остане без договори

Aмериканското Министерство за трговија најави воведување данок од речиси 220 отсто на канадските авиони Бормардие серија Ц, потег, што најверојатно, ќе ги зголеми тензиите меѓу САД и нејзините сојузници Канада и Велика Британија.

Според одлуката на Мнистерството, компанијата Бормардие чие седиште е во Монтреал користи нефер државни субвенции да продава свои авиони по вештачко ниски цени во САД.

Според американскиот министер за трговија Вилбур Рос, државните субвенции од канадската влада за таа компанија  е нешто што администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги сфаќа многу сериозно.

Канада одговори дека се противи на американскиот потег.

- Јасна цел на тоа е да се елиминираат авиони Бомбардие од серијата Ц од американскиот пазар, изјави Кристија Фриленд, канадска министерка за надворешни работи.

Бомбардие ја нарече одлуката „апсурдна“ и нагласи дека американските закони не се наменети да бидат употребувани на таков начин и ги обвини Боинг дека користат несоодветен процес да ја задушат конкуренцијата. Боинг во април наведе дека Бомбардие добил најмалку три милиони долари субвенции од владата на Велика Британија, Канада и канадската провинција Квебек.

Одлуката на американското Министерство за трговија треба да биде допонително потврдено на 12 декември и се очекува тоа да ги влоши односите меѓу Отава и Вашингтон, кои веќе се затегнати по повторните преговори за северноамериканскиот договор за слободна трговија  (НАФТА) кој ги опфаќа САД, Канада и Мексико. 

- Поради спорот со Бомбардие, американската компанија Боинг би можела да остане без нови договори со британската Влада, изјави британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон.

- Боинг е важен инвеститор во Обединетото кралство и значаен играч, но би сакале ваков вид прашања да бидат решени со преговори, изјави Фалон, коментирајќи ја одлуката на САД за воведување прелиминарни антидампинг царини од 220 отсто на авионите на Бомбардие.

- Тоа не е однесување какво очекуваме од Боинг и навистина би можело да ги загрози нашите идни односи со Боинг, изјави Фалон.

- Боинг би требало да заработи многу од воената потрошувачка на Британија. Имаме договори со Боинг за ново патролно летало и борбени хеликоптери „апачи“, а ваков вид однесување би можело да ги загрози нашите идни односи со Боинг, изјави Фалон.