Свет
17. May 2017 - 10:06

САД подготвени за дијалог со Северна Кореја

САД се подготвени за дијалог со Северна Кореја, но само доколку Пјонгјанг ги прекине сите ракетни и нуклеарни тестирања, изјави синоќа постојаниот претставник на Вашингтон во Обединетите нации, Ники Хејли.

Советот за безбедност на Обединетите нации го разгледува предлогот за воведување санкции на Северна Кореја. 

- Подготвени сме да разговараме, но само откако ќе видиме целосен прекин на нуклеарниот процес и сите тестирања, рече Хејли во пресрет на седницата на СБ

Според неа, додека не се случи тоа, САД планираат да ги продолжат заедничките вежби со Јужна Кореја и да ја поддржуваат Јапонија.

Таа додаде дека САД и Кина, единствениот дипломатски сојузник на Северна Кореја работат на нова резолуција на СБ на ОН за санкции на Пјонгјанг.

- Тоа е она на кое сега работиме, додаде таа и напомена дека резолуцијата се уште не е донесена. 

Северна Кореја потврди во неделата дека тестирала нов вид ракета, наведувајќи дека во прашње е стратешка балистичка ракета „Хвасонг-12“ со среден до голем дострел.