Балкан
30. August 2017 - 9:25

САД обвинија деветнаесет лица за напад врз демонстрантите за време на посетата на Ердоган

Суд во САД покрена обвиненија за 19 лица, меѓу кои и 15 лица од турското обезбедување и агенти на службата за безбедност, по обвинение дека употребиле сила врз мирни курдски демонстранти во Вашингтон за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. 

Лицата можат да добијат и до 15-годишна затворска казна. 

Инцидентот се случи вечерта на 16 мај, пред резиденцијата на турскиот амбасадор во Вашингтон, каде замина Ердоган по разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп, што беше одржан во Белата куќа. 

Судирот меѓу обезбедувањето, агентите од од службата за безбедност и демонстрантите заврши со 12 повредени, меѓу кои и еден полицаец. 

Во јуни во Анкара, турскиот претседател остро ги критикуваше плановите на американските власти да покренат обвинение за случајот. 

Тој ги оквалификува демонстрантите како терористи и наведе дека американската полиција не направила ништо против нив. 

Од 19 обвинети, само двајца се во затвор. За другите е издадена потерница, а мала е веројатноста дека тие доброволно ќе се вратат на американската територија.