Свет
19. September 2015 - 9:02

САД: Најмалку 20 загинати во поплави во Јута

Бројот на загинати во поплавите предизвикани од поројни дождови што ја зафатија американската сојузна држава Јута се зголеми на 20, соопштија вчера локалните власти, пренесува ТАСС.

Судбината на едно шестгодишно момче се уште останува неизвесна.

Според податоците на локалните власти во националниот парк Зион се удавиле седум туристи од Калофорнија и Невада, сите на возраст од околу 50 години. Додека сојузната држава Јута беше зафатена од поројни дождови, туристите биле на прошетка во паркот со површина од 600 километри квадратни и не успеале да се засолнат на безбедно место.

Спасувачките екипи го открија телото на 33-годишен маж од градот Харикејн во јужниот дел на државата. Тој беше прогласен за исчезнат веќе неколку дена.

Во соседниот град Хилдеил бројот на жртви во поплавите достигна 12 лица, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по шестгодишно момче, што е исчезнато. Сите загинати се жени и деца, а најмалата жртава имала четири години. Тие се наоѓале во две возила, кои биле однесени од голем пороен бран. Во возилата се наоѓале вкупно 16 лица и само три деца успеале да се спасат.