Свет
5. August 2021 - 8:36

САД најавуваат вакцинација како услов за странските патници

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги најави првите чекори кон донесување мерка според која сите странски посетители во САД мора да бидат вакцинирани против коронавирусот.

Официјален претставник на Белата куќа изјави дека условот ќе биде дел од постепено административно олеснување на ограничувањата за патување за странски државјани кои доаѓаат во САД, за што не е одредена временска рамка, но сите, со некои ограничени исклучоци, се очекува да треба да се вакцинираат против Ковид-19.

Администрацијата на Бајден ги задржа мерките што строго ја ограничија можноста за влез во Соединетите Американски Држави, како причина наведувајќи го ширењето на Делта варијантата на вирусот.

Според постојните правила, на државјаните кои не се од САД, а кои во претходните 14 дена биле во Кина, во европската Шенген-зона, Велика Британија, Ирска, Бразил, Јужна Африка и Индија, им е забранет влез во земјата.

Сите патници во САД, без оглед на статусот на вакцинација, исто така мора да покажат доказ за негативен тест за Ковид-19, кој не е постар од три дена од моментот на пристигнување во земјата.