Свет
28. January 2016 - 22:48

САД: Можно е Северна Кореја да се подготвува за лансирање ракета

Севена Кореја можеби се подготвува за лансирање ракета, изјавија американски официјални претставници, повикувајќи се на засилената активност на подрачјето во близина на Тонгчанг-ри, локација од каде се тестираат проектили.

Официјален американски претставник, за француските медиуми, изјави дека постои можност за лансирање „сателит или вселенско возило“, пренесува Танјуг.

Неименуваниот извор додаде дека нема индиции дека тоа ќе биде балистичка ракета.

- Нашата загриженост е дека тие ќе изведат лансирање во вселената, но тоа всушност е истата технологија за развој на интерконтинентални балистички ракети, изјави втор неиуменуван американски официјален претставник.

Тој прецизира дека лансирањето би можело да се случи во  следните неколку недели.

Оваа информација доаѓа во момент кога Советот за безбедност на Обединетите нации рсправа за воведување нови санкции против Северна Кореја,  по нивниот четврти нуклеарен тест што беше изведен на 6 јануари, наведе Би-Би-Си.

Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат денеска го одобри законот со кој се прошируваат санкциите против Пјонгјанг заради нивната нуклеарна програма, кршење на човековите права и сајбер активностите.