Свет
31. July 2017 - 8:49

САД ќе преземат „брзи и силни мерки“ против Владата на Николас Мадуро

САД остро ги осудија вчерашните избори за Уставотворно собрание во Венецуела и соопштија дека ќе преземат „брзи и силни мерки“ против Владата на претседателот Николас Мадуро, пренесоа француските меидуми.

- САД ги осудуваат овие избори, кои под закана го ставија правото на венецуелскиот народ на самоопределување, изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Ноерт.

„САД го поддржуваат народот на Венецуела и неговите уставни претставници во нивните напори да ја воспостават вистинската демократија и процутот во својата земја. Ќе продолжиме да преземаме брзи и силни активности против архитектите на авторитаризмот во Венецуела, вклучително и против оние кои учествуваат во Националното уставотворно собрание како резултат на вчерашните дополнителни избори“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Американското министерство го осудува насилството на венецуелските власти против демонстрантите и ги повика владите од регионот и во светот „да побараат одговорност од оние кои ја поткопуваат демократијата, не ги почитуваат човековите права и се одговорни за насилството и репресиите“.

САД, Аргентина, Перу, Колумбија и Панама соопштија дека нема да ги признаат изборните резултати, пренесоа американските медиуми.

Изборите за Уставотворното собрание во Венецуела, свикани од претседателот Николас Мадуро, се чекор кон диктатура и САД нема да ја прифатат нелегитимната влада во Каракас, изјави американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, цитирана од британските медиуми.

Таа првпат официјалнo ја изрази позицијата на Вашингтон за вчерашните избори во Венецуела, што беа бојкотирани од значителен дел од избирачите.

Мадуро вети дека со овие избори ќе почне „нова ера на борба во неговата земја“, западната во криза.

„Изборите на Мадуро се фарса и уште еден чекор кон диктатура. Нема да ја прифатиме нелегитимната влада. Венецуелскиот народ и демократијата ќе надвладеат“ напиша Хејли на Твитер.