Македонија
17. March 2021 - 18:47

САД ја одобри набавката на 54 оклопни возила во износ од 210 милиони долари за Македонија

Ве информираме дека американскиот Стејт Департмент ја одобри набавката на 54 лесни оклопни возила од типот „STRYKER“ од страна на Владата на Македонија за потребите врзани со модернизацијата на македонската Армија во согласност со стандардите на НАТО.

Набавката во вкупна вредност од околу 210 милиони долари е продолжување на веќе започнатиот повеќегодишен проект (2019-2024) за набавка на Лесни оклопни возила (ЛОВ) како главен проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС) за модернизација и опремување на Армијата. 

По одлука на Владата на Република Македонија проектот се реализира како повеќегодишен проект во соработка со Владата на САД користејки ја програмата Foreign military sales (FMS), при што се користат и американските фондови ERIP, CRIFF и програмата 333 со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25% од вкупната сума.

Проектот се реализира како договор „Влада со Влада“ со Владата на САД и вклучува набавка од две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа „Oshkosh Defense” и „General Dynamics Land Systems“. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата „Oshkosh Defense” и до сега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија.

Со објавување на одлуката на Конгресот на САД за одобрување на склучувањето на договорот за набавка на ЛОВ „STRYKER“ од компанијата „General Dynamics Land Systems” влегува во финалната фаза на заокружување севкупниот проект за опремување со ЛОВ. Согласно ДПРОС и предвидените национални буџетски средства се планира во првата фаза да бидат набавени околу 20 возила „STRYKER“. Испораката на возилата се очекува да отпочне од 2022 година.

Со реализација на овој проект за опремување и модернизација на Армијата покрај исполнување на побарувањата за интероперабилност произлезени од НАТО пакетот на цели на способности, се овозможува Република Македонија да ги проектира и заштити своите витални и национални интереси.

Во известувањето на Американската агенција за соработка во одбраната стои дека предложената набавка „ќе ја подобри безбедноста на сојузникот во НАТО, што е важна сила за политичка и економска стабилност во Европа, односно ќе ја подобри способноста на Македонија да одговори на сегашните и идните закани со зголемување на оперативните способности, достапноста на силите и унапредувањето на воената соработка”.