Свет
10. November 2017 - 9:19

САД ја критикувааат Грција за пуштањето на левичарскиот терорист Куфодинас од затвор

САД вчера остро реагираше кон грчките власти, откако левичарскиот терорист Димитрис Куфодинас беше пуштен на 48 часа од затвор.

Куфодинас се смета за „мозокот“ на грчката терористичката организација „17 Ноември“, која стои зад низа напади и убиства во Грција, вклучително и против западните дипломатски преставништва.

- Сериозно не загрижува тоа што Грција ослободи осуден терорист од групата „17 Ноември“. Куфодинас беше осуден за повеќекратни убиства, вклучително и убиството на Вилијам Нордин, американскиот одбранбен аташе во Атина, како и на авијацискиот офицер Роналд Стјуарт. Нашата амбасада во Атина и изрази сериозна загриженост на грчката Влада. Во минатото се случувало припадници на „17 Ноември“ пуштени на кусо време од затвор да исчезнат, изјави портпаролката на Стејт Департментот Хедер Нојерт, која додаде дека САД очекуваат дека Куфодинас ќе ја искористи можноста повторно да побегне.

Грчкото национално здружение на затворски полицајци соопшти дека Куфодинас бил примерен затвореник и поради тоа има право да побара да биде пуштен на неколку дена.

Како што претходно јави МИА, Куфодинас е осуден на 11 доживотни затворски казна и на уште 25 години затвор за 11 убиства, меѓу кои и на поранешниот пратеник на Нова демократија и сопруг на поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани, Павлос Бакојанис во 1989 година. На 5 септември 2002 година Куфодинас сам и се предаде на полицијата и рече дека ја презема одговорноста за активностите на „17 Ноември“ и оттогаш се наоѓа во атинскиот затвор Коридалос.

Одлуката на затворскиот совет за Куфодинас предизвика реакции во Грција и од медиумите, но и од политичарите.

Бакојани, која го загуби сопругот пред 28 години од оружјето на Куфодинас, побара јавно да заземат став грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за цивилна заштита Никос Тоскас.