Свет
23. July 2021 - 13:11

САД извршија воздушни напади врз талибанците за поддршка на Авганистан

 Соединетите Американски Држави извршија воздушни напади за поддршка на авганистанската влада која е под притисок на талибанците додека странските сили предводени од САД се повлекуваат од земјата.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби изјави дека САД ги поддржале авганистанските безбедносни сили во воздушните напади во изминатите денови, но не даде детали.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид, пак, изјави дека во нападите што се случија во средата вечерта на периферијата на градот Кандахар на југот на земјата тројца нивни борци биле убиени, а две возила уништени.

 Ние најостро ги осудуваме овие напади. САД го прекршија Договорот од Доха, на нивните сили не им беше дозволено да дејствуваат по мај, рече тој, повикувајќи се на договорот меѓу САД и талибанците што го отвора патот за повлекување на меѓународните сили од Авганистан.

Според него, „доколку САД извршат каква било операција, тие ќе бидат одговорни за последиците“.

Американскиот претседател Џо Бајден во април најави дека американската војска ќе се повлече до 11 септември, што предизвика револт кај талибанците кои очекуваа странските сили да заминат до мај.

По одлуката на Бајден да се повлече, насилството нагло се зголеми, милитантите започнаа голема офанзива, ги окупираа областите и важните гранични премини и окупираа неколку провинциски метрополи, вклучувајќи го и Кандахар.

Речиси сите американски трупи, освен оние што ги штитат дипломатскиот штаб и аеродромот во Кабул, ја напуштија земјата.

Ново на Сител