Свет
17. October 2016 - 17:26

САД: Ирачките сили подготвени Мосул да го преземат од ИД

Американскиот генерал Гари Волески, највисокиот функционер на меѓународната коалиција во Ирак, предводена од САД, вели дека ирачките сили се подготвени повторно да го заземат Мосул и дека коалицијата „е уверена дека во тоа ќе успеат“.

Борбата за Мосул ќе биде тешка, но ирачките сили за безбедност се подготвени. Две години чекавме да го ослободиме Мосул и дојде тој ден, рече Волески, пренесуваат американските медиуми.

Ирачките и курдските сили денеска почнаа голема офанзива врз Мосул, градот што Исламска држава го зазеде летото 2014 година.

Американските сили ги поддржуваат Ирачаните со воздушни напади, а американските војници имаат и улога на поддршка на теренот.

-Меѓутоа, Ирачаните се тие кои ја спредедуваат офанзивата, рече портпаролот на Пентагон, Питер Кук, за Си-Ен-Ен.

Кук не сакаше да одговари на критиките на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека најавувајќи што ќе стори, коалицијата всушност на непријателот му ги јавува своите потези, но рече дека „постои елемент на изненадување во тоа како акцијата ќе биде изведена.“