Свет
29. March 2023 - 8:27

САД и Русија престанаа да разменуваат податоци за нуклеарното оружје

САД и Русија престанаа да разменуваат податоци за нуклеарното оружје што го правеа според новиот договор СТАРТ за ограничување на нуклеарниот арсенали (Нов СТАРТ), последниот таков документ што пропаѓа.

Официјални лица во Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот вчера рекоа дека САД и ги понудиле информациите на Русија дури и откако претседателот Владимир Путин ја повлече Русија од договорот минатиот месец, но Москва го извести Вашингтон дека нема да му ги даде своите податоци.

Затоа, „поради неусогласеност на Русија со обврските од тој договор, САД нема да ги достават своите податоци на Русија, со цел да ја охрабрат Русија да се врати на своите договорни обврски“, изјави за новинарите претставникот на Стејт департментот Ведант Пател.

Белата куќа, која претходно ја обвини Русија за повеќекратно прекршување на договорот, рече дека одбивањето на Русија да се придржува до него е „правно неважечко“ и дека одлуката за откажување од давањето податоци за нуклеарното оружје е уште едно прекршување.

Новиот договор СТАРТ потпишан од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев во 2010 година ги ограничува двете земји на не повеќе од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени проектили и бомбардери и инспекции за проверка.

Нема инспекција од 2020 година поради пандемијата со коронавирусот. Договорот за продолжување требаше да биде во ноември 2022 година, но Русија се откажа, повикувајќи се на американската поддршка за Украина, а во февруари оваа година Русија формално го прекина своето учество во договорот.