Свет
25. April 2020 - 11:20

САД бележи најмал број смртни случаи во последните три недели од корона вирусот

Според податоци од Универзитетот Џон Хопкинс, со вкупно 1258 смртни случаи на коронавирус во последните 24 часа, САД бележат најмал број смртни случаи во последните три недели.

Оваа бројка на смртни случаи објавена вчера е дел од вкупниот број починати во САД кој изнесува 51.017, што е далеку најголем број во апсолутна смисла во која било земја во светот.

Сепак за да се потврди дека состојбата се подобрува, овој тренд треба да продолжи во наредните денови.

Скоро 900.000 луѓе се заразени со коронавирус во САД, што претставува околу една третина од заболените во светот.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека е време Америка да се рестартира, давајќи можност на секој гувернер да донесе своја одлука за својата сојузна држава, со оглед на тежината на ситуацијата.

Џорџија е првата држава што вчера почна со враќање на животот во нормала, иако Оклахома исто така отвори некои продавници во петокот. Флорида минатиот петок отвори поголем дел од плажите, а Јужна Каролина во понеделникот започна да ги ублажува ограничувањата.