Свет
13. October 2018 - 13:53

„Сабах": Мачењето и убиството на новинарот снимени на неговиот часовник

Истрагата која ја спроведува Турција во врска со исчезнувањето на истакнатиот саудиски новинар Џамал ​​Кашоги откри снимки преку неговиот часовник Епл.

Овие снимки, наводно, укажуваат на тоа дека тој бил мачен и потоа убиен, објави турскиот весник „Сабах".

Извештајот на провладиниот весник, беше објавен откако делегацијата на Саудиска Арабија допатува во Турција за да се формира „заедничка работна група", со цел да се испита исчезнувањето на Кашоги.

- Моментите во кои Кашоги бил испрашуван, измачуван па убиен беа снимени и зачувани во меморијата на часовникот Епл, се вели во извештајот на турскиот весник, и се додава дека часовникот бил поврзан со неговиот Ајфон, кој останал кај неговата свршеница Хатиџе Џенгиз, откако отишол во зградата на конзулатот.

Кашоги се води како исчезнат од 2 октомври, кога влегол во зградата на  конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да добие документи потребни за венчавката со неговата турска свршеница Џенгиз.

Турските официјални претставници стравуваат дека дописникот на „Вашингтон пост“, познат како критичар на саудиската влада, бил убиен во конзулат, но не дадоа докази за таквото тврдење.

Според неговата вереница Хатиџе Џенгиз, исчезнатиот саудиски новинар не бил нервозен кога отишол во конзулатот на Саудиска Арабија, ниту пак се сомневал дека би можело да му се случи нешто лошо. Последното нешто што и го рекол Кашоги пред да замине во  конзулатот било „ќе се видете подоцна, мила".

Саудискиот министер за внатрешни работи принцот Абдулазиз бин Сауд бин Најеф бин Абдулазиз ги отфрли како „неосновани лаги кои се шират за убиство на новинарот". 

Делегацијата на Саудиска Арабија пристигна во петокот во Турција. Анкара се согласи  да сеформира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите на исчезнувањето на новинарот.