Свет
11. January 2019 - 12:46

Руското обезбедување кое го чува Путин пристигна во Белград: Вака изгледа кога ќе дојде најзаштитениот човек на планетата - ни мува не смее да прелета

Претседателот на Русија Владимир Путин следниот четврток во Белград ќе се состане со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а со него пристигнуваат и 250 руски специјалци. Некои од нив се пристигнати во главниот град на Србија и во соработка со руските агенти и со припадниците на српската полиција ќе се грижат за безбедниот пречек на рускиот претседател.

За време на посетата безбедносните мерки во градот ќе бидат подигнати на највисоко ниво. Тоа значи дека воздушниот простор над Србија ќе биде затворен за сите авионски летови при слетувањето на претседателскиот авион, кој по влегувањето во српскиот воздушен простор ќе го следат авиони на српската војска до слетувањето на белградскиот аеродром, пишува „Србија данас“.

Се проценува дека во обезбедувањето на Путин ќе бидат ангажирани од четири до седум илјади полицајци, од сите безбедносни служби на Србија, односно од МВР и војската на Србија, БИА, ВБА и ВОА.

Улиците по кои ќе се движи рускиот претседател ќе бидат затворени, шахтите ќе бидат заварени, на зградите ќе бидат поставени руски и српски снајперисти, а на граѓаните што живеат покрај трасата на движење на претседателската колона ќе им се нареди да ги затворат прозорите и да ги повлечат завесите. Исто така, ќе биде засилена и контролата за движење на пешаците, посебно на прометните места, на железничките и автобуските станици. Интернет-комуникацијата во Србија и во странство ќе биде под засилен надзор. Покрај овие мерки, ќе бидат користени и пософистицирани методи за заштита на важни личности.

Според претходните најави, се очекува за време на посетата на бидат потпишани над 20 билатерални договори за соработка во различни области, а ќе се разговара и за реализација на заеднички проекти од областа на енергетиката, инфраструктурата и иновациите.