Балкан
31. January 2018 - 23:07

Руското економско влијание и улогата на „валканиот“ капитал во Западен Балкан

Руските инвестиции на Балканот се во подем и карактеристично за овој капитал е што е од  „валканo“ потекло, а целите не се економски развој туку геопoлитички конфликт и оддалечување на регионот од западната орбита, се вели во најновиот извештај на софискиот Центар за изучување на демократија.

Во организација на американскиот Хелсиншски комитет, Центарот за изучување на демократија вчера на Капитол хил го промовираше извештајот насловен „Оценка на руското економско влијание во Западен Балкан: Осознавање на  врските помеѓу валкниот капитал и слабата власт“, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

-Во меѓународната заедница постои консензус дека руската држава е заснована на клептократија, додека корупцијата е главниот двигател на политичко-економскиот систем на Русија, истакна Ендрју Вилсон, раководител на Центарот за меѓународни приватни иницијативи, организација која го поддржа извештајот.

Документот се фокусира на состојбите во Македонија, Црна Гора, Босна и Херецеговина и Србија.

- Пропустите во одговорното економско владеење се причина зошто „валканиот“ капитал фатил корен во овие земји, додаде тој.

Според некои проценки, во арбитража на претседателот Владимир Путин, руската клептократија од Русија има изнесено над еден трилион долари само во Америка, додека оваа цифра е многу повисока за Европа.

Во извештајот исцрпно се обработени информации од отворени извори за руските вложувања на Балканот од почетокот на минатата деценија до денес.

Акцентот е ставен врз енергетскиот сектор, рудници, металургија и инфраструктурни проекти, но и врз невладиниот сектор и црквата.

- Преку овие индустриски гранки Москва врши клучно влијание врз партиите, медиумите, политичките и бизнис лидери, изјави Руслан Стефанов, директор за економска програма во Центарот за изучување на демократија.

Србија е еклатантен пример за економското влијание на Русија. Руски државни компании и нивни партнери држат околу 13 отсто од вкупните приходи во земјата. Србија целосно зависи од увозот на руски гас во земјата додека пазарот со нафтени деривати е контролиран од Газпром и Лукоил.

Во  Македонија ситуацијата е поинаква, тоа се компании на руски државјани со капитал кој доаѓа главно од офшор сметки и даночни раеви. Приходите на руските компании во Македонија се зголемиле од 63 милиони долари во 2006 до 212 милиони долари во 2015, се дознава од извештајот.

- Македонија на Газпром му плаќа едни од највисоките цени за гас во Европа. Додека енергетската зависност на земјата се потпира на Русија со тоа што оваа ја контролира единствената маршрута за природен гас што води до земјата преку Трансбалканскиот цевковод, се вели во извештајот.

Русија не се откажува од гасоводот Јужен тек и има планови преку Турција и Грција да изгради алтернативна маршрута за испорака на гас во централна Европа. Затоа, во извештајот се предвидува дека руското економско влијание во Македонија ќе биде во подем бидејќи таа е во средиштето на долгорочните енергетски проекти на Русија во регионот. 

Документот дава предлози за креиреање политики за контрола на приливот на овој капитал, обично пропратен со нетранспаренти и корупциски зделки.

За Македонија се вели, потребна е независна финансиско-разузнавачка полиција која ќе го следи и анализира приливот на странски капитал.

- Задача на оваа полиција треба да биде откривање и стопирање на сомнителни приливи на пари во стратегиски важните иднустрии и во ранливите сектори како културата и медиумите, се вели во извештајот.

Се повикува и на одговорната улога на Специјалното обвинителство, кое треба да ги надгледува врските меѓу домашните политички партии и бизнисмени и странски бизнисмени, посебно оние од авторитарните земји.