Македонија
26. February 2020 - 17:05

Рускоска: Невкусно е да се користат лични имиња во кампања - снимките од Милошоски дадени на вештачење

Рускоска ја повика опозицијата да поднесе претставки за нејзиното работење пред надлежните институции. Шефицата на организиран криминал дирекно му одговори на Мицкоски дека е невкусно да се користат лични имиња во предизборна кампања за партиски цели.

 -Мислам дека е многу невкусно лични имиња да се користат во предизборна кампања. Доколку кој било има замерка на моето постапување тоа треба да го пријави. Ако нема доверба во јавниот обвинител на Република Македонија, тогаш до Советот на јавните обвинители, рече Русковска во врска со вчерашниот говор на Мицкоски.

Рускоска вели обвинителство активно постапува по добиените снимки од пратеникот Антонио Милошоски кој тврди дека екс премиерот Заев ја злоупотребил премиерската функција. Очекува Милошоски да придонесе во истрагата со посочување на конкретни сведоци, бидејќи смета дека неговото барање да се прегледаат сите снимки во Владата од мај минатата година е несериозно.

Значи, првата снимка што ја донесе Милошоски и оваа вчера што ја донесе се дадени на вештачење. Така што, го чекаме наодот на вештачењата. Исто така, Милошоски го замолив доколку може, нормално, да обезбеди некои сведоци кои би го поткрепиле тоа што е на снимката, и на едната и на другата, рече Русковска.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение велат дека по 12 април ќе одговараат сите кои се огрешиле пред законот, но и оние кои не го гонат криминалот.

„Рускоска во судница сега прави се за да не се открие кој е главата на октоподот. Нејзината единствена мисија во предметот Рекет е имињата на Зоран и Вице Заев да не се слушнат во судница, да не бидат повикани на распит и  да не завршат зад решетки каде впрочем и одамна припаѓаат, се вели во нивното соопштение.

И првиот човек на Судскиот совет одговори на повикот на опозицискиот лидер за ревизија на работата на Врховните судии. Здравев вели дека претставка може да побара секој, но во овој предизборен период советот не може да одлучува за вакви прашања. За ревизија на веќе завршени предмети пак Здравев потенцира дека не постојат никакви законски основи.

Токму аудио снимките кои јавно ги објави пратеникот Милошоски го потикнаа вчерашниот протест на опозицијата, на кој лидерот Мицкоски упати сериозни критики кон обвинителствата на Јовески и Рускоска, нарекувајќи ги заштитиници на криминалите на власта.